Пратениците од СДСМ барат и премиерот, и претседателот на државата да се обратат во Собранието, ДПА повика на предвремни избори, а премиерот Никола Груевски возврати дека е во сечиј интерес - работите да се кажат со вистинското име.
По вчерашното интервју што премиерот го даде за Македонската информативна агенција (МИА) по враќањето од посетата на Кина, а во кое тој го критикуваше НАТО, обвинувајќи ги неговите членки за двојни стандарди и за неприципиелност, со реакции излегоа и партии и експерти.
Демократската партија на Албанците побара итна собраниска седница на која би се распуштило Собранието и би биле распишани вонредни парламентрани избори.
Потпретседателот на ДПА, Имер Алиу побара „ДУИ да се изјасни дали останува со Груевски или ќе биде на страната на албанскиот народ, чиј сон е интеграција во НАТО и во ЕУ. Од вицепремиерката Теута Арифи и од министерот за одбрана Фатмир Бесими бараме да поднесаат оставка како главни соучесници во големата измама кон Албанците“, рече Алиу, кој апелираше и меѓународната заедница да иницира политички дијалог околу ова прашање меѓу четирите најголеми партии во Македонија.
Сосема спротивно, пратеникот Антонио Милошоски, поранешен шеф на македонската диопломатија, смета дека интервјуто на премиерот Груевски е искрено, отворено и добро објаснување за состојбите што се однесуваат на Македонија и на Грција, во контекст на македонското зачленување во НАТО.
„Македонија во многу наврати е поканувана да биде дел од чуварите на „шаторот“ на НАТО. За жал, заради една земја членка се уште немаме покана и дозвола да „спиеме“ во истиот шатор на НАТО. Тоа е еден непринципиелен однос, но истовремено имаме и самодоверба и правда на наша страна, ја имаме и пресудата од Хаг, треба уште малку трпеливост, упорност, достоинство и сметам дека Македонија ќе си го добие заслуженото место“, изјавил Милошоски за ТВ Сител.
Според него, и во Букурешт имало дилема дали поради блокадата од Грција треба да се прекине македонскиот ангажман во безбедносните мисии на НАТО, но тогаш одлуката била дека Македонија треба да има свои војници.
„Тогаш одлуката беше дека Македонија, напротив, треба секаде, таму каде што е можно, да има макар и еден војник повеќе отколку што има соседна Грција за да покаже и да демонстрира дека иако сме мала држава, сепак имаме капацитет, освен да користиме привилегии, како што тоа го прави Грција, да имаме и одговорности.
Членството во НАТО е обврска која што пред се` значи капацитет да ја носите вашата солидарност заедно со другите земји – членки“, изјавил Милошоски.
Пратениците од редовите на СДСМ денес упатија отворено писмо до премиерот Груевски во кое изразуваат загриженост и несогласување со неговите ставови.
„Интервјуто покажува една агресивност и фрустрација поврзана со македонските евроатлански интеграции кои се притоа непринципиелно подведени на ваше лично разбирање, чувство и емоција. Колку и да имаме разбирање за вашата лична немоќ која доаѓа од вашето признание дека во Чикаго отидовме на однапред најавен и очекуван пораз, не можеме да преминеме преку еден очигледен факт: односите со ЕУ и НАТО не се ваша приватна работа и однос, и тие не можат и не смеат да бидат предмет на Ваше емотивно толкување и нагон“, пишуваат социјалдемократските претставници.
Порачувајќи му на Груевски дека како премиер има обврска и задача да ги застапува и да работи во интерес на сите граѓани кај кои постои консензус во погед на евроатланстските интеграции, пратениците од СДСМ, го прашуваат Груевски: „Кого застапувате со нападите кон нашите стратешки партнери и кој Ви го даде правото во името на два милиона граѓани да ги расипувате односите со целата меѓународна заедница?“
Обвинувајќи го премиерот дека манипулира со чувствата на граѓаните, опозиционите пратеници тврдат дека тој е „подготвен да ги жртвува националните интереси за политички театар за внатрешна употреба“. Пратениците од СДСМ барат и премиерот, и претседателот на државата да се обратат во Собранието на Република Македонија и пред целата јавност да реферираат за официјалниот став на државниот врв и за плановите за евроатлантските интеграции на Македонија по Самитот на НАТО во Чикаго.
Премиерот Груевски веднаш им одговори на политичките противници, потенцирајќи дека „Македонија и понатаму ќе остане посветена на реализацијата на стратегиската определба за членство во НАТО, а ако некој ја каже вистината, не значи дека се кара со стратегиските партнери“.
Груевски не ги прифаќа обвинувањата дека им наштетил на меѓународните релации на Македонија и смета дека е во сечиј интерес - работите да се кажат со вистинското име.
„Што добила Македонија од тоа што некој, за да си ја спасува политичката кариера или за да не се замери дури и при најголема неправда, зад наметката на некаква политичка прагма и лажно визионерство, го лажел сопствениот народ!? Ние ќе продолжиме со подршката на мировните мисии на Алијансата за обезбедување светскиот мир и демократијата, затоа што тоа е она во што веруваме. Ќе продолжиме одговорно да се однесуваме, нешто што не карактеризира сиве овие години откако ни е наметнат овој бесмислен спор, кој е во спротивност со сите вредности и со меѓународното право. И понатаму ќе се чувствуваме како Македонци, а убеден сум дека еден ден ќе успееме да ја реализираме нашата поставена цел, членство во НАТО и во ЕУ и изградба на силна, модерна и просперитетна Македонија“ им одговори премиерот на опозиционерите.
Тој не прифаќа дека одговорите во интервјуто за МИА биле емотивни.
„Нашата реакција е логична и реална! Што треба да правиме? Да се радуваме? Да бидеме политиканти од профилот на еден политичар што ни се промовира на македонската сцена цели 20 години? Не! Ние пријателствата и сојузништвата ги градиме со директен и искрен однос и само низ таа призма може да се гледа нашето дејствување и нашите јавни изјави“, дециден е Груевски.
Но, коалициониот партнер, Демократска унија за интеграција, не му даде поддршка на премиерот, и иако портпаролот на ДУИ Бујар Османи изјави дека се согласуваат со оценката на Груевски оти Македонија ги има исполнето сите услови за членство во НАТО, сепак му забележуват на вишокот емоции.
„Не смееме да дозволиме емоциите и разочарувањата да не дефокусираат од реализацијата на стратешките националните и државните цели. Принципот на консензуалност во НАТО и ЕУ е конзистентен за сите држави-кандидатки за членство во овие организации. Прашањето за зачленувањето на Македонија во НАТО е затворено со извршната одлука на Самитот на НАТО во Букурешт, во која се вели дека Република Македонија ќе стане членка на НАТО на денот на решавање на спорот со името и за тоа не е потребен нов Самит“, потенцираше Османи.
Според ДУИ, која премиерот го именува како „претседател на ВМРО-ДПМНЕ“, постои добра волја на меѓународната заедница да и` се помогне на Македонија при евроатланските интеграции: “Не се согласуваме со оценките на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ дека меѓународната заедница, односно НАТО и ЕУ користат политика на двојни стандарди кон Република Македонија. Неоспорлив е придонесот што НАТО го има дадено и продолжува да го дава во правец на регионалната стабилност и безбедност, како и во правец на олеснувањето на нашиот пат кон НАТО и ЕУ. Безалтернативен е патот кон ЕУ и НАТО и тој пат е еднонасочен“.
Сосема спротивен став и од ДУИ, и од опозиционите партии изнесе амбасадорот во пензија Ристо Никовски, кој во изјавата за „Нетпрес“ му даде целосна поддршка на Груевски.
“Премиерот на брилијантен начин, зборот не е случајно избран, ги изрази чувствата на сите нормални луѓе, не само во земјата, туку и на сите водечки лидери на НАТО-земјите. Преку факти и аргументи на еден изразито суптилен дипломатски начин, кажа што и како постапува НАТО во однос на нашата земја, на кој начин се брани неправдата и се демонстира сила која нема да му донесе добро, пред се, на народот.
Политиката - едно да зборуваш, а друго да правиш, не води никаде и никогаш не дава резултати“, смета Никовски.
Професорот Нано Ружин за А2 изјави дека се работи за „недоличен настап“ на Груевски.
„Ваквиот негов настап е дел од тактиката на оваа партија за постојано креирање на нестабилност и непријатели на државата. Сето ова е неспоиво со доктрините на НАТО“, смета Ружин.
Според поранешниот министер за надворешни работи Слободан Чашуле, пак, со ставовите на Груевски во интервјуто, Република Македонија конечно се повикала на своето право: „... Ако веќе животите на своите синови ги става на фронтовите за борба против тероризмот како сојузник на НАТО и тоа со високи перформанси, ако во се` друго го поддржува НАТО, ако со учеството на изградбата на Партнерството за мир има нагласено улога на Балканот, ако ги исполнува сите критериуми за членство во НАТО, тогаш Македонија има право и да биде критична во однос на процесите и однесување на некои држави кои го загрозуваат НАТО. Грција му прави повеќе штета на НАТО отколку неспособноста на НАТО да ја натера Грција да го прифати решението кое и меѓународниот суд за правдата го посочи“, вели Чашуле во изјавата за „Нетпрес“.
За професорката Билјана Ванковска, една од ретките НАТО-скептици во македонската јавност, која во своите колумни често ја проблематизира неопходноста од зачленувањето на Македонија во Алијансата, „интервјуто на премиерот е, за жал, задоцнето“. Таа за порталот „мкд.мк.“, изјави: „Ако оваа силна „артилерија“ (аргументација) се изнесеше како заеднички државен став, ако зад оваа порака застанеа заедно и премиерот со министрите и шефот на државата, таа ќе имаше поголема тежина и кредибилност. Вака, може да се толкува различно: дека е облик на дистанцирање на Груевски од својот министер за надворешни работи, па и од претседателот, или како обид за сопствено амнестирање од она што сега ќе биде прикажувано како пораз на македонската надворешна политика (од страна на опозицијата и т.н. прозападни интелектуалци), или како обид за подигнување на својот (помалку нарушен) јавен рејтинг, а во пресрет на евентуални избори. Македонија има многу причини да биде незадоволна од третманот што го добива од НАТО, таа дава повеќе одошто прима, и тоа со години, и кога би можел да се постигне државен консензус логичен потег би бил повлекување на нашите војници од мисијата ИСАФ. Се` друго би останало во сферата на внатрешната политика и внатрешниот политички пазар“, смета Ванковска.