Линкови за пристапност

Македонија старее


Граѓаните во просек живеат четири години покусо од оние од земјите во ЕУ.

Граѓаните на Македонија во просек живеат четири години помалку во споредба со оние од земјите-членки на ЕУ. Овој податок денеска го објави Светската здравствена организација (СЗО) по повод Светскиот ден на здравјето, 7-ми април.

Во истражувањето не се наведени причините за покусиот животен век на македонските граѓани. Но, претставникот на СЗО во Македонија, Марија Кишман, вели дека ова се должи на социо-економските услови и начинот на исхраната.

Според проекциите на Светската здравствена организација, во 2050-та, околу 33% од населението во Македонија ќе има над 60 години. Истражувањето исто така покажа дека најстарото население е од пелагонискиот, додека најмладото е концентрирано во полошкиот регион. Според истражувањето на СЗО, во Македонија подолго живеат жените, во просек 76 години, додека просечниот век на мажите е 72 години.

„Најголема причина за смртноста се кардиоваскуларните болести“, рече Кишман.

Поради фактот што населението во Македонија се повеќе старее, СЗО препорачува државата да ги унапреди институциите за грижа на старите лица. Кишман рече дека е потребно да се направи специфична стратегија што би вклучила унапредување на капацитетите на геријатриските служби, отворање на центри за стари лица, зголемување на достапноста на вакцините - особено против грипот, стручна подготовка на оние кои работат во институциите за грижа на старите лица и други мерки што ќе придонесат за подобрување на квалитетот на животот на постарите генерации.

XS
SM
MD
LG