Во Амбасадата на Македонија во Вашингтон одекна поезија. Никола Маџиров, кој е на турнеја во САД, четвртокот читаше од својата најнова книга „Остаток од друг век“, што ја издаде издавачка куќа од Њујорк, е двојазична, на македонски и на англиски.
Македонскиот поет Никола Маџиров беше повод за вечер на дружење во македонската куќа број 1 во Вашингтон. Читаше стихови од својата најнова книга во Амбасадата на Македонија. Претходно со својата поетска реч се претставил на Универзитетот во Њујорк и Универзитетот Џорџ Вашингтон, во Вашингтон.
Читаше стихови на македонски. Но, и на англиски.
Тој вели, поезијата придонесува за лоцирање на македонскиот на мапата на светски јазици:
„Зборувајќи за големи и мали, самите се доведуваме во една клаустрофобична ситуација. Пезијата не трпи големи и мали земји, туку сензибилитети, слични или различни“, вели Маџиров.
Амбасадорот на Република Македонија во Вашингтон Зоран Јолевски ги наведува причините да организира настан со ваква содржина:
„Оваа година славиме 20 години од самостојноста на Република Македонија. Амбасадата во Вашингтон ќе организира серија настани за одбележување на поводот. Ова е првиот од серијата настани за културно претставување на Република Македонија во САД“ истакна Јолевски.
Македонскиот поет Никола Маџиров продолжува со поетско читање на уште неколку универзитети во САД.