Линкови за пристапност

Најмалку 130 загинати во Пешавар, повеќето ученици


Пакистански Талибан презеде одговорност за нападот врз училиште со коешто управувала армијата

Најмалку 130 лица, повеќето ученици, загинаа во нападот што милитантите на Талибан го извршија во училиште во Пакистан.

Целта на исламските милитанти, облечени во армиски униформи и со експлозив на себе, било училиште во Пешавар со коешто управувала армијата. Армиски портпарол соопшти дека силите за безбедност убиле шестмина напаѓачи.

Известувачот на Гласот на Америка, Хамедула Кан, јави дека родителите се собираат пред болницата каде се донесени телата на загинатите деца. Во тек е и акција за собирање на крв за преку 100 лица повредени во нападот.

Пакистанскиот претседател Мамнун Хусеин и премиерот Наваз Шариф го осудија нападот. Шариф, којшто денес пристигна во Пешавар, изјави дека „овој варварски напад нема да ја одврати владата“ и вети дека ќе продолжат армиските операции против милитантите. Тој објави тридневна национална жалост.

Американскиот претседател Барак Обама изјави дека „целејќи на ученици и наставници во овој ужасен напад, терористите уште еднаш ја покажале својата изопаченост“. Обама кажа дека САД ќе продолжат да го поддржуваат Пакистан во борбата против тероризмот и екстремизмот.

Државниот секретар Џон Кери, којшто во моментов е во Лондон, рече дека „овој терористички чин ги потресол сите луѓе коишто имаат совест“. Американскиот амбасадор во Пакистан, Ричард Олсон, изрази солидарност со земјата, истакнувајќи дека „малкумина пропатиле од терористите и екстремистите, колку народот на Пакистан“.

Пакистански Талибан презеде одговорност, велејќи дека нападот е во знак на одмазда за пакистанската офанзива против бунтовниците во северозападниот племенски регион на земјата, во близина на границата со Авганистан.

XS
SM
MD
LG