Линкови за пристапност

Која е разликата меѓу Тим Кејн и Мајк Пенс?


Профили на потпретседателските кандидати кои дебатираат вечерва во Вирџинија

Кој е Мајк Пенс?

На прв поглед гувернерот на Индијана Мајк Пенс, не изгледа како најдобар избор за потпретседател на Доналд Трамп.

„Следниот потпретседател на САД, гувернерот Мајк Пенс“. Вака републиканскиот претседателски кандидат Трамп го претстави Пенс, на една од кампањите.

Доаѓа од Средниот запад со силни конзервативни убедувања.

„Оние кои ме познаваат знаат дека сум обичен човек, христијанин, конзервативен и републиканец, по тој редослед“, изјави Пенс.

Вредности кои ги носи од сојузната држава од која потекнува.

„Добрите луѓе прават добри дела кога никој не ги гледа и тоа е особина на луѓето од Индијана“.

Во 90-те, како водител на конзервативна дебатна емисија, Пенс зборуваше со Ренди Деклин, партнер во консултантската компанија, „К-глобал“ за неговите амбиции во јавната служба.

„Неговата порака беше оптимистичка, позитивна и инспиративна“, изјави Деклин.

„Тој има верски убедувања. Тоа е човек кому може да му верувате. Доаѓа од срцевината на конзервативното движење и од срцето на Америка“, кажа Пол Рајан, спикер на Претставничкиот дом.

По двата неуспешни обида за место во Конгресот, стана конгресмен од Индијана во 2000-та година.

Стекна искуство во Вашингтон, но не смета дека владата е единствениот одговор за проблемите на граѓаните.

Во Индијана се врати во 2012-та, по што стана гувернер на сојузната држава.

Неговите силни убедувања носат рамнотежа на гласачкото ливче, и покрај тоа што по бројни прашања има различни ставови со Трамп. Според одредени аналитичари, конзервативците кои се сомневаат во квалификациите на Трамп, може да му веруваат на Пенс.

***

Кој е Тим Кејн?

Зборува шпански. Бил католички мисионер и завршил право на Универзитетот Харвард. На резимето сега ќе додаде и дека бил потпретседателски кандидат од редовите на Демократската партија.

Вообичаено, тој не многу експониран, дури себеси се нарекува „досаден“.

Но, со Хилари Клинтон покрај себе – нова енергија, а нејзиниот избор е оквалификуван за природен и безбеден.

Тим Кејн во политиката минал 22 години. Бил градоначалник, гувернер и во моментов сенатор од Вирџинија.

Студирал на Универзитетот на Мисури и право на Харвард.

Како католик, решил да направи пауза од студиите и заминал на мисионерска мисија во Хондурас, кадешто научил шпански.

Кејн вели дека сиромаштијата во Централна Америка го инспирирала да продолжи со своите активности. Така и запознал Ен, која подоцна станала негова сопруга.

„Ова се тешки времиња за многумина во нашата земја, но ние сме истраен народ. Тешките времиња не траат, човечката истрајност е таа што останува“, истакна Кејн.

Тој додаде дека еден од најтешките периоди му бил оној кога бил гувернер на Вирџинија, кога во 2007-та се случи масовното убиство на Универзитетот „Вирџинија тек“. Инцидентот беше дело на студент со ментални проблеми, а Кејн потоа вршеше притисок за спроведување реформи во системот за ментално здравје во рамки на сојузната држава.

Кејн во 2008-та, беше на чело на Демократската национална комисија, по што беше потенцијален потпретседателски кандидат на тогашниот сенатор, Барак Обама.

Некои од обичните граѓани, со поделени мислења за неговите квалификации.

„Ми се допаѓаат неговите ставови и сметам дека е одличен избор“, вели Лафајет Барнс, жител на Вашингтон.

„Немам многу доверба во Хилари, така што кој и да е на нејзина страна, едноставно не обрнувам внимание“, вели Том Шмит, жител на Чикаго.

Во меѓувреме, сенаторот се надева дека ќе го промени мислењето кај оние што мислат поинаку за него, додека вложува огромни напори да и` помогне на Хилари Клинтон да победи во трката за Белата куќа.

XS
SM
MD
LG