Линкови за пристапност

Укинат контроверзниот закон за хонорарците


Протести на хонораците во Скопје
Протести на хонораците во Скопје

По само седум месеци од стапувањето во сила

По само седум месеци од стапувањето во сила, укинат е контроверзниот Закон за придонеси на хонорарците, со којшто илјадници лица (новинари, актери, пеачи, преведувачи, ликовни уметници..., но и времено ангажираните невработени лица во државната администрација, градежништвото, земјоделието, со договор за дело или авторски договор...) беа обврзани покрај персоналниот данок да плаќааат и придонеси од хонорарите за пензиско и здравствено осигурување во висина од 37% од нето-хонорарот.

Владата синоќа донела одлука од 1-ви август да се врати старото решение, односно на сите хонорари да се плаќа единствено персонален данок, а денес, експресно, законската измена е ставена по скратена постапка на дневен ред на собраниска седница.

„Тоа е решението што ќе важи од 1-ви август и сите уплати што ќе бидат направени после 1-ви август, значи, немаат обврска да пресметуваат и уплаќаат придонеси за авторските договори. И натаму останува обврската за персонален данок“, изјави министерот за финсии Зоран Ставрески.

Според министерот, законот којшто предизвика жестоки реакции во јавноста, протести на граѓанските и на синдикалните организации, како и мирни демонстрации на улиците на Скопје, не се укинува поради претстојните избори и поради политичката криза, туку затоа што приходите од него биле само четири милиони евра годишно, а други дополнителни мерки на Владата ја анулирале потребата од него.

„Ако не го сменевме, ќе беше зошто не го сменивте. Ако го смениме, сега, зошто го сменивте? Верувам дека за најголем број лица носиме соодветно решение. Не е точно дека целта беше да се соберат повеќе пари во буџетот или во фондовите, затоа што станува збор за вкупни приходи на годишно ниво од 220 до 250 милиони денари“, коментира Ставрески. Тој тврди дека Владата е “отворена и има слух за јавноста кога одредена ситуација создава незадоволство кај поголем број на лица“.

Дел од хонорарците, (коишто, според некои граѓански организации, во Македонија ги има над 100.000) почнаа со протести уште на 22-ри декември минатата година, кога илјадници граѓани под мото „Не за државен рекет!“ побараа укинување на законот којшто според нив беше неуставен. Откако во пракса се покажа дека за законот нема дизајнирана методологија на спроведување, зашто хонорарците неколку месеци чекаа на пресметките на неподготвените државни институции за средствата што требаа да ги платат на државна сметка, а дел од граѓаните, и покрај тоа што плаќале придонеси, не можеа да ги користат услугите на јавното здравство, незадоволните граѓани организираа протест и на 12-ти февруари. По мирните демионстрации на 24-ти април, со паролата „Нема да ви платиме!“, над 7.000 граѓани со свои потписи ја оверија претставката поднесена до Уставниот суд, а ова тело до денес не излезе со некаков став во однос на граѓанскиот протест.

Лидерката на независниот синдикат на новинарите Тамара Чаусидис денес изјави дека „уште во самиот старт се знаеше дека тоа е еден лош и неуспешен експеримент. Во таа смисла, иако ова некој може да го толкува како предизборно купување гласови, добро е што конечно гласот на незадоволните е слушнат и што Владата ја враќа состојбата од пред 1-ви јануари 2015 година“.

XS
SM
MD
LG