Линкови за пристапност

Пакистанскиот премиер побара САД да прекинат со нападите со беспилотни летала


Истиот ден кога Амнести обвини дека САД „навидум извршиле мошне сериозни прекршувања на човековите права кои можеби дури се граничат со воени злосторства“. Белата куќа ги отфрла наводите

Пакистанскиот премиер Наваз Шариф денес го повтори барањето - САД да прекинат со нападите со беспилотни летала во Пакистан.

Во обраќањето во Американскиот институт за мир во Вашингтон, Шариф кажа дека сака американско-пакистанските односи да се подобрат, но дека „проблемот со беспилотните летала станал главна причина за раздразливост во билатералните односи“.

Шариф говореше истиот ден кога организацијата за човекови права Амнести интернешенал, со седиште во Британија, ги повика САД да стават крај на таинственоста околу кампањата со беспилотни летала во Пакистан.

Во денес објавениот извештај, Амнести наведува дека САД „навидум извршиле мошне сериозни прекршувања на човековите права кои можеби дури се граничат со воени злосторства“.

Портпаролот на Белата куќа Џеј Карни, пак, изјави дека САД апсолутно не се согласуваат со тврдењето дека нападите со бесплиотни летала го кршат меѓународното право

„Американските контратерористички операции се прецизни, законски и ефективни и САД не преземаат смртоносни напади кога ние или пак нашите партнери можеме да фатат поединечни терористи“, рече Карни.

Амнести во извештајот наведува 45 напади со беспилотни летала во пакистанската племенска област Северен Вазиристан во периодот од јануари 2012-та до август 2013-та. Во еден од нив, вели Амнести, загинала 68 годишна жена која на поле собирала зеленчук. Во друг, пак, биле убиени 18 работници кога се подготвувале да вечераат.

Пакистанските лидери јавно остро се противат на нападите со беспилотни летала, но некои критичари веруваат дека ваквите операции се дел од таен договор меѓу Пакистан и САД, со кој владата во Исламабад премолчено ги одобрува нападите.

Амнести интернешенал ги повика САД и Пакистан да ги откријат сите информации за нападите. Во извештајот стои дека локалното население во областа каде се вршат нападите живее во постојан страв од насилство од сите страни.

Специјалниот известувач на ОН, Бен Емерсон, исто така побара поголема транспарентност од САД. Во првичните наоди минатата недела, тој цитираше официјални пакистански претставници дека во нападите загинале најмалку 400 цивили.

Американските власти досега немаат понудено многу информации за нападите, но велат дека се внимателно планирани за да се избегнат цивилни жртви, како и дека во нив биле убиени клучни оперативци на Ал-Каида.
XS
SM
MD
LG