„Пристапниот дијалог на високо ниво е шанса што треба да се искористи“, изјави новиот амбасадор на ЕУ во Македонија Аиво Орав, по средбата со вицепремиерката за евроинтеграции Теута Арифи.
Две недели по доаѓањето на новата должност во Скопје, Орав го оцени пристапниот дијалог на високо ниво како уникатен настан, бидејки досега немало разговор од таков вид со земјите-кандидати за членство во Унијата.
„Се надевам дека двете страни максимално ќе ги искористат можностите што ги нуди пристапниот дијалог“, рече Орав.
Според вицепремиерката Арифи, дијалогот дава можност Македонија да ги унапреди процесите со ЕУ и да даде нов поттик на реформите во сферите што се предмет на разговори. Арифи му посака на Орав успешна работа, со надеж дека за време на неговиот мандат во Скопје, Македонија ќе стане членка на Унијата.
Евроамбасадорот се сретна и со вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, при што го поздравил напредокот на Македонија во економијата и исполнувањето на економските критериуми за полноправно членство во ЕУ. Според кабинетот на македонскиот вицепремиер, Пешевски и Орав разговарале за проектите и активностите на Владата за подобрување на конкурентноста, деловната клима и привлекувањето на странски инвестиции, како и за економската соработка меѓу Македонија и ЕУ.
Откако ја презеде функцијата, по шестмесечниот период во кој Брисел немаше претставник во Македонија, евроамбасадорот Орав имаше средби и со претседателот Ѓорге Иванов и премиерот Никола Груевски. На првата средба со Иванов, предавајќи ги акредитивите, Орав го цитирал поранешниот македонски претседател Борис Трајковски, велејќи дека "оваа прекрасна земја и припаѓа на обединета Европа...".
На средбата со премиерот, според соопштението на неговиот кабинет, Груевски најавил дека Орав ќе има целосна поддршка од Владата за да се овозможи отворена, динамична и блиска комуникација и соработка со делегацијата на ЕУ во Скопје. Во соопштението за средбата Груевски – Орав се истакнува и дека македонскиот премиер ја “реафирмирал посветеноста за продолжување на реформскиот процес во Република Македонија, согласно приоритетите и стандардите на ЕУ“.