„Легитимна работа на опозицијата е да протестира, да бара нешто повеќе и, се разбира, да бара предвремени избори. Дали нашата власт е легитимна или нелегитимна - покажува фактот дека неколкупати по ред убедливо победуваме на избори“, изјави денес за белградското радио Б-92 премиерот Никола Груевски, по повод вчерашниот сенароден „Марш за демократија“ што под мотото “Доста е! Избори се за иднината“” го организираше СДСМ и на кој учествуваа неколку десетици илјади граѓани од цела Македонија. Бројката се движи од десетина илјади – според провладините електронски медиуми, до над 50.000 според организаторите и ним блиските медиуми.
Вчера, веднаш по митингот, премиерот Груевски беше гостин на ТВ Сител, каде оцени дека маршот и говорот на лидерот на опозицијата не донеле ништо ново, но и дека „Црвенковски, како и обично, беше арогантен и нервозен, што психолошки покажува дека има недостиг на самодоверба и дека се плаши од нешто“.
За трите иницијативи на пратеничката група на СДСМ (за распуштање на парламентот, за формирање на собраниска комисија која ќе го корегира избирачкиот список и за донесување на измени и дополнувања на изборниот закон) а пред се`, за барањето на десетиците илјади граѓани кои на скопските улици бараа предвремени избори, Груевски во телевизискиот настап потенцираше дека деновиве ќе имаат консултации во владејачката ВМРО-ДПМНЕ и со коалиционите партнери, за да биде донесена одлука за ова прашање.
Според денешните агенциски вести, владејачкото мнозинство е подготвено за предвремени избори но, партиите од власта сметаат дека не се работи за адекватно решение и дека изборите нема да помогнат при излез од кризата.
Ермира Мехмети од владејачката ДУИ изјави дека партијата ќе ја разгледа иницијативата за распуштање на парламентот, и дека ДУИ е подготвена во секое време да оди на избори па, ако треба, и на предвремени.
„Сметаме дека ова е период во кој во земјата сите политички фактори треба да се обединат и да ја надминат блокадата што е предизвикана од нерешениот спор за името“, рече Мехмети.
Според Павле Трајанов, лидер на Демократскиот сојуз, мала коалициона партија во власта, не е време за предвремени избори, иако неговата партија е целосно подготвена да се соочи со избирачите, бидејќи рејтинзите се познати.
„СДСМ повторно ќе се соочи со пораз. Предвремените избори не се решение за излез од кризата“, смета Трајанов.
Вчера на скопските улици за среќа, и покрај сите црни сценарија за насилен влез на граѓаните во институциите на државата, се` помина мирно. Граѓаните достоинствено изразија незадоволство од актуелната власт и маршираа за смена на власта.
Пред Собранието на Македонија, лидерот на СДСM Бранко Црвенковски одржа говор во кој повика на смена на власта и на предвремени избори, потенцирајќи дека граѓаните на Македонија не се помируваат со бедата и сиромаштијата. Според Црвенковски, Македонија трпи порази на сите полиња додека власта смислено го дели народот.
Лидерот на опозицијата му се обрати и директно на премиерот Никола Груевски: “Биди барем еднаш одговорен пред својот народ. Прифати ја оваа подадена рака, искористи ја оваа можност, не дозволувај гневот и револтот на граѓаните на Македонија да се излее по улиците, да одиме на избори!“.
„Демократијата се гази на секој чекор. Слободата на медиумите во Македонија е мислена именка. Македонија не е во процес на интеграција, туку во процес на конфронтација и со ЕУ и со НАТО. Пет години овој режим, оваа власт на Груевски и фамилијата, ја притиска секоја институција, секоја фирма, секое здружение, секој медиум, секој човек во оваа држава да се определи по принципот - или сте со нас - или против нас“, рече вчера Црвенковски, според кого, маршот за демократија и за право на слободно мислење – продолжува, се` до остварувањето на конечната цел - предвремени избори.