Линкови за пристапност

„Инженерски прстен“ 2013-та


Претседателот на Македонија на Плаошник ќе го додели признанието на најдобрите десетмина дипломирани инженери.

Претседателот на Македонија Ѓорге Иванов вечерва на Плаошник во Охрид традиционално ќе го додели признанието „Инженерски прстен“ за 2013 година, на најдобрите десетмина дипломирани инженери од инженерските факултети во Република Македонија.

Годинешното јубилејно, десето по ред доделување на признанието се одржува под покровителсво на шефот на државата, а во организација на Инженерската институција на Македонија (ИМИ).

Претседателот на Институцијата, професорот д-р Александар Димитровски, го истакнува афирмативниот однос кон знаењето како еден од клучните елементи за личен, општествен и цивилизациски развој.

„Инженерите се основната моторна сила на секоја современа цивилизација, па препознавајќи го огромниот потенцијал во македонските инженери, ИМИ си постави висока цел: да го следи, стимулира и координира развојот на науката и на новите технологии во сите инженерски дисциплини во Република Македонија“, вели Димитровски.

Доделувањето на високото признание е своевиден поттик за успешните дипломирани кадри, кои како млади инженери „треба да ја вложат својата интелектуална моќ во модерни иновации, изнаоѓање практични и корисни решенија што ќе не` направат видливи на светската карта“, порача македонскиот претседател Иванов во пригодниот разговор по повод доделувањето на наградата.

„Благодарение на иновативноста и креативноста на македонските инженери, Македонија ќе може да се надева на подобра конкурентност во светот, поголемо ниво на странски директни инвестиции, поголема моќ, релевантност и тежина во меѓународните економски и политички односи. Има уште многу да се работи, но мислам дека сме на вистинскиот пат, можностите што ги нудат техничките науки и интелектуалниот потенцијал со кој располагаме да го искористиме во насока на севкупниот развој на нашата земја“, кажа Иванов.

„Инженерски прстен“ за 2013-та освоија: Дана Ужевска од Факултетот за земјоделски науки и храна, Игор Кулев од Факултетот за електротехника и информациски технологии, Марина Најдовска од Архитектонскиот факултет, Диме Јанчев од Технолошко - металуршкиот факултет, Ивана Велиновска од Градежниот факултет, Дарко Мартиновиќ од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, Благица Трајковска од Машинскиот факлутет, Марија Стојовска од Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер и Влатко Пешначки од Факултетот за шумарство, сите од Скопје, како и Александар Стојковски од битолскиот Технички факултет.
Наградата е златен прстен, кој, според претседателот на ИМИ. има своја особена симболика.

„Прстенот претставува круна од дабови лисја на чиј врв се наоѓа знакот на Инженерската институција на Македонија. Во македонските интелектуални кругови, од антиката до денес, дабовите лисја се симбол на честа и достоинството. Ѕвездата пак, го симболизира знаењето кое што претставува синергија од сите инженерски дисциплини“, наведува Димитровски.

Според челникот на ИМИ и местото на доделувањето – Плаошник има своја симболика: „Манифестацијата на доделувањето, се одржува на платото пред Свети Климентовиот храм - „Св. Пантелејмон“ во Охрид. Се одржува на Плаошник, зaтoa што Плаошник е местото на воздигнување на словенската писменост и универзитетски центар за изучување на повеќе научни и духовни дисциплини, низ кои минале повеќе од 3.500 ученици. Истовремено, со овој чин, на Светите Климент и Наум им оддаваме должна почит и признание за нивното сесловенско дело“.
XS
SM
MD
LG