Линкови за пристапност

Во Охрид конференција за штотуку завршениот самит на НАТО


Пораките од Охрид ќе бидат проследени до НАТО и до владите во регионот, за да се дефинира натамошната соработка

Во организација на НАТО и Центарот Џорџ Маршал, во четврток во Охрид започна конференција посветена на Самитот во Велс.

Учествуваат повеќе експерти од земјите од регионот, меѓу кои, универзитетски професори, претставници на НАТО и на дипломатските претставништва во Македонија, како и политичари од 10 држави, кои под покровителство на Алијансата разговараат за тоа што е договорено во Велс.

Според министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски, овој настан е показател на силата на невладиниот сектор во оваа сфера бидејќи, како што рече, силните демократии по вакви настани дискутираат за тоа што тие настани донесуваат за општествата и како општествата треба да се прилагодат.

„Владата на Република Македонија и министерството за одбрана веќе почнаа да подготвуваат стратегија за презентирање на достигнувањата на Република Македонија, зошто таа треба да биде поканета да биде членка на НАТО, и кои се придонесите од ваквото членство за Македонија, меѓутоа и за целиот регион и за НАТО. Тоа е процес којшто перманентно се одвива и ќе продолжиме да работиме во таа насока“, истакна министерот Јолевски.

Ден Двиганс директор на Алумни програмата од Центарот „Џорџ Маршал“ изјави дека конференцијата во Охрид меѓу другото ќе ја зајакне и безбедноста на земјите од регионот преку препораките што ќе произлезат од неа.

„Собирот во Охрид е осмислен да ги даде препораките за идните активности. Тоа е се` уште свежа материја која се обраборува, и се надеваме дека од дискусиите овде ќе произлезат добри препораки кои ќе придонесат за зајакнување на безбедноста во регионот“, рече Двиганс.

И Оливера Ињатц, професорка на факултетот за хуманитарни студии во Црна Гора, смета дека состанокот на Центарот Џорџ Маршал е идеална можност да се сретнат експертите од регионот со поддршка на секторот за јавна дипломатија во НАТО за да ги анализираат актуелните теми кои се однесуваат на интегративните процеси на земјите во регионот.

„Дискутираме за значењето на самите интеграции на Западен Балкан, а овде прес се’ мислам на неколку земји, на прекрасната Македонија, Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора“, рече Ињатц.

Според неа, од заклучоците на Самитот во Велс, приоритет и се дава на Црна Гора во однос на останатите земји-членки на регионот, но учесниците на конференцијата сметаат дека поддршка треба да им се даде и на останатите земји од регионот.

Пораките што ќе произлезат од конференцијата во Охрид, ќе бидат проследени до НАТО и до владите во регионот, со цел да дадат нивно видување како да продолжи соработката во иднина.

XS
SM
MD
LG