Линкови за пристапност

Меѓународна конференција за борба против дрогата


Меѓународна конференција за борба против дрогата
Меѓународна конференција за борба против дрогата

На средбата учествуваат претставници на МВР, стручњаци од повеќе западноевропски полиции, од американската ДЕА, полициски претставници од земјите во регионот, како и стручњаци од интернационални организациии како СЕКИ Центарот, Интерпол

Во организација на Бирото за јавна безбедност при МВР, а со поддршка од Женевскиот центар за Демократска контрола на вооружените сили (ДЦАФ), четвртокот во Охрид започна дводневна меѓународна конференција на експерти од областа на борбата против трговијата со дрога.

„Познавањето на методите на работа на подземјето е многу важно во нашата работа, затоа што врз база на тие методи, изградуваме методи на докажување“ изјави директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР, Љупчо Тодоровски.

На средбата учествуваат претставници на МВР, стручњаци од повеќе западноевропски полиции, од американската ДЕА, полициски претставници од земјите во регионот, како и стручњаци од интернационални организациии како СЕКИ Центарот, Интерпол и други.

Ќе бидат разгледани повеќе теми - граничните контроли, реализацијата на националните стратешки програми, засилувањето на разузнавањето во поглед на трговијата со дрога, зголемувањето на потенцијалите и капацитетите на законските инстанци, техничките и тактички можности, подобрувањето на меѓународната соработка и развојот на превентивните мерки за намалување на употребата на опојните дроги.

Директорот Тодоровски напомена дека веќе четири години се работи на откривање и лоцирање на групи кои работат на трговија со дрога, откривање на нивните лидери и врски во Турција и Европа.

„При секоја реализација, ние не го фаќаме само товарот и возачот, туку паѓа целата организација“ рече Тодоровски.

Според Тодоровски, во акцијата во Грција средата, македонската полиција имала имала огромен удел:

„Во ноќешната акција заедно со Американската служба за борба против дрога и грчката служба, во Грција реализиравме околу 74 килограми хероин. Пронајдовме камион, информациите, односно изворите кои ги даваат информациите се наши. Анализата ја правеа инспекторите од Единицата за борба против дрога при МВР. Успехот беше наш, а во содејство со турската служба“.

Минатата година биле запленети еден тон дрога, а во првите пет месеци од годинава околу 600 килограми.

Како што беше речено на конференцијата, хероинот доaѓа од Авганистан преку Турција, а марихуаната главно од Албанија преку Македонија, завршува во Грција.

На пленарна тематска сесија во петок експертите ќе разговараат околу криминалистичко-криминолошкото истражување и превенцијата од употребата на дроги во контекст на ширење на овој вид на криминал.

XS
SM
MD
LG