Линкови за пристапност

Белата куќа отпушти советник поради критики преку Твитер


40-годишниот Џофи Џозеф под псевдоним ја напаѓал американската надворешна политика и клучните соработници на претседателот Барак Обама

Белата куќа отпушти советник за национална безбедност кој анонимно објавил стотици пораки на Твитер што ја критикуваат американската надворешна политика и клучните соработници на претседателот Барак Обама.

40-годишниот Џофи Џозеф добил отказ минатата недела, по неколкумесечна истрага за идентификување на лицето кое коментирало под псведонимот @natsecwonk. Џозеф работел како директор за неширење на нуклеарното оружје во Советот за национална безбедност и бил вклучен во неодамнешните преговори за иранската нуклеарна програма.

Во изјавата за весникот Политико, Џозеф презеде одговорност за пораките преку Твитер последниве две години и се извини на сите кои ги навредил. Тој наведува и дека првичната замисла на коментарите била да претставуваат пародија на животот во исклучиво исполитизираните вашингтонски официјални кругови, но со време се претвориле во, како што наведува самиот, „серија на несоодветни и злобни коментари“.

Џозеф критикувал редица виши американски лица, од државниот секретар Џон Кери, неговата претходничка на функцијата, Хилари Клинтон, па се` до советникот на Белата куќа, Бен Роудс. Тој се посомневал и во официјалната верзија на тоа како дошло до убиството на четворица американски дипломати во Либија во 2012-та. Сега веќе бившиот советник напаѓал и републикански претставници, како потпретседателската кандидатка на изборите 2008-ма, Сара Пејлин.
XS
SM
MD
LG