Линкови за пристапност

Годишното обраќање на Обама пред променет состав на Конгресот


Годишното обраќање на Обама пред променет состав на Конгресот
Годишното обраќање на Обама пред променет состав на Конгресот

Обама ќе се соочи со драматично променет сооднос на силите во Претставничкиот дом кога ќе се обрати пред Конгресот и нацијата.

Американскиот претседател Барак Обама во вторник пред заедничка седница на обата дома на Конгресот ќе го одржи редовното годишно обраќање до нацијата за состојбата во која се наоѓа земјата – негово второ откако стапи на функцијата.

Обама ќе се соочи со драматично променет сооднос на силите во Претставничкиот дом кога ќе се обрати пред Конгресот и нацијата. Републиканците сега имаат мнозинство во Претставничкиот дом, а таму веќе изгласаа отповикување на веќе донесениот закон за реформа на здравствената заштита - еден од приоритетите на Обама на домашен план. Потегот на републиканците е во голема мера симболичен, бидејќи нема да мине во Сенатот, каде демократите се` уште имаат мнозинство.

Претседателите по обичај во редовното годишно обраќање ја проценуваат состојбата во која се наоѓа земјата, од економијата до надворешната политика. Го користат говорот и да изложат политички платформи, а често предлагаат нови идеи или пак промени во размислувањето што сакаат Американците да ги земат предвид.

Секретарот за печат во Белата куќа Роберт Гибс најавува дека Обама ќе се фокусира на економскиот опоравок.

„Тоа се чекори за кои претседателот верува дека нашата земја мора да ги преземе за да продолжи економскиот опоравок, чекори што треба да ги преземеме на краткорочен период, а што се однесуваат на работните места, како и чекори на среднорочен и долгорочен период за да ја доведеме фискалната ситуација во ред, да ја зголемиме конкурентноста и иновацијата што ни овозможуваат да создадеме идни работни места“, коментира Гибс.

Обама ќе го одржи говорот во време кога неговиот рејтинг бележи подем. Тоа делумно се должи на контроверзниот компромис што го направи со републиканците за продолжување на даночните скратувања од времето на поранешниот претседател Буш, истовремено продолжувајќи ги бенефициите за невработените. Подобрениот рејтинг е и резултат на, како што наведуваат анкетите, умешната реакција на Обама на оружениот инцидент во Аризона – обидот за атентат врз конгресменката Габриел Гифордс. Обама на комеморацијата на жртвите во инцидентот побара поцивилен тон во националниот политички дискурс

„Можеби не можеме да го спречиме сето зло на овој свет, но убеден сум дека зависи целосно од нас како ќе постапуваме еден кон друг“, рече тогаш Обама.

Политичкиот аналитичар Џон Фортие од институтот Американ ентерпрајс смета дека да го одржеше редовното годишно обраќање по конгресните избори минатиот неомври, Обама ќе беше во послаба ситуација. Вака, компромисите што ги направи со републиканците поволно го позиционираа.

„Навистина се гледаат индиции дека претседателот се движи кон средината, дека има еден вид на прагматизам“, вели Фортие.

Годишното обраќање доаѓа во време кога приближно 150.000 американски војници и натаму се во Авганистан и Ирак, а анкетите покажуваат дека војната во Авганистан е крајно непопуларна меѓу Американците. Обама планира во говорот да одаде признание на жртвите што ги дава армијата.

Без оглед на темите кои ќе ги опфати, речиси е извесно дека Обама ќе се кандидира за реизбор, иако тоа официјално не е потврдено.

Со променет состав на Белата куќа за натамошно консолидирање на неговиот имиџ како попрво политички умерен отколку крајно лев либерал, и како некој кој е подготвен да се справи со реалноста на републиканската контрола во Претставничкиот дом, Обама веќе ја покрена политичката машинерија за реизбор во 2012-та.

XS
SM
MD
LG