Линкови за пристапност

Прес-конференција на Обама


Ги критикуваше републиканските претседателски кандидати за воинствената реторика кон Иран.

Американскиот претседател Барак Обама ги критикуваше републиканските претседателски кандидати, обвинувајќи ги за заканувачките тонови кон Иран.

На првата прес-конференција по ноември, тој кажа дека тие вршат притисок за воена интервенција во Иран и се пожали дека некои лежерно говорат за војна, иако нема ништо лежерно во врска со неа.

Некои републикански претседателски кандидати предупредија дека реизборот на Обама ќе доведе до тоа Иран да стаса до нуклеарно оружје. Тројца од водечките републикански претседателски кандидати во говорите пред произраелска организација во Вашингтон деновиве повикаа на построга политика кон Иран, како и на распоредување на воени бродови долж иранскиот брег за уништување на иранските нуклеарни капацитети.

Обама ја бранеше својата политика кон Иран, велејќи дека Техеран се соочува со несекојдневни осакатувачки санкции и дека иранската Влада е изолирана. Па, сепак, тој подвлече дека американските и израелски разузнавачки лица веруваат дека се уште има можност за дипломатско решение.

Претседателот, сепак, не очекува напредок на првата средба со Иран кога меѓународната заедница ќе ги продолжи разговорите врз нуклеарната програма на земјата. Тој кажа и дека меѓународната заедница брзо ќе процени колку е сериозен и искрен Иран во преговарачкиот процес.

Според Обама решавањето на ова прашање бара Иран да седне на преговарачката маса и јасно и отворено да дискутира, како и` да покаже на меѓународната заедница дека намерите на нуклеарната програма се за мирољубиви цели.

Изразувајќи почит кон Израел и сугестиите дека во самоодбрана би извршил напад врз иранските нуклеарни постројки, Обама рече дека Израел е суверена земја и самата носи одлуки што е најдобро за зачувување на безбедноста. Па сепак, тој подвлече дека од најдобар интерес за сите е прашањето да се реши на мирољубив начин.

Не станува збор само за последиците по Израел од евентуален преуранет напад, туку и за консеквенците по САД, рече Обама, додавајќи дека е важно да се обезбеди внимателен, промислен и трезвен приод.

Обама ја бранеше и американската политика кон Сирија каде силите лојални на претседателот Башар ал-Асад, напаѓаат цивилни области. Тој рече дека е прашање на време кога Асад ќе падне од власта.

XS
SM
MD
LG