Линкови за пристапност

Рејтингот на Обама во подем


Рејтингот на Обама во подем
Рејтингот на Обама во подем

Најновата анкета на вестите на ТВ-мрежата Ен-Би-Си и Вол стрит џурнал покажува дека 53% го одобруваат начинот на кој ја врши функцијата, што е пораст за 8% од минатиот месец.

Претседателот Барак Обама наредниот вторник ќе го одржи редовното годишно обраќање за состојбата на нацијата, на заедничка седница на обата дома на Конгресот. Говорот, во кој се очекува да ги изнесе приоритетите на неговата влада за оваа година, доаѓа во време кога анкетите покажуваат дека неговиот рејтинг бележи нагорна линија.

Најновата анкета на вестите на ТВ-мрежата Ен-Би-Си и Вол стрит џурнал покажува дека 53% го одобруваат начинот на кој ја врши функцијата, што е пораст за 8% од минатиот месец.

Политичките аналитичари ова го објаснуваат делумно со повикот на Обама за национално единство по оружениот инцидент во Аризона во кој загинаа шест лица, а меѓу тешко повредените беше конгресменката Габриел Гифордс. Успешната натпартиска соработка за време на последната седница на Конгресот исто така се вклучува меѓу факторите, не само за подем на рејтингот на пратениците од обете партии, туку и на Обама.

Зголемениот рејтинг на Обама доаѓа на средина на неговиот четиригодишен мандат. Првите две години минаа во услови на политичка поделеност по суштински прашања, како реформата на здравствената заштита, на пример.

Обама успеа да издејствува усвојување на законот за здравствени реформи во Конгресот, но цената ја платија демократите на изборите во ноември, кога републиканците постигнаа мнозинство во Претставничкиот дом.

„Интересно е што некои гласачи рекоа дека најдобра работа што ја сторил е - здравствената заштита, а некои гласачи рекоа дека најлоша работа што ја сторил е - здравствената заштита. Тоа само покажува колку земјата е поделена по ова прашање“, вели Питер Браун од Истражувачкиот центар на Универзитетот Квинипек во Конетикат.

Обама повика на враќање на националното единство на комеморацијата за загинатите во Аризона. „Важно е да запреме за момент и да се осигураме дека разговараме еден со друг на начин на кој ќе не` залечи, а не да не` повреди“, рече тогаш американскиот претседател.

Таквата надеж беше веднаш ставена на испит кога републиканците во Претставничкиот дом гласаа за повлекување на законот за здравствена заштита.

„Тука сме затоа што ги послушавме Американците на последните избори. Тука сме бидејќи веруваме дека е мошне важно да го чиниш на функцијата она што си кажал дека ќе го сториш“, вели републиканскиот конгресмен Пол Рајан од Висконсин, еден од оние кои гласаа за повлекувањето на законот.

Аналитичарите сепак наведуваат дека потегот е повеќе симболичен, бидејќи демократите се` уште имаат мнозинство во Сенатот, а и претседателот Обама најави дека ќе стави вето доколку повлекувањето на крај заврши на неговата маса.

Со победата на републиканците во Претставничкиот дом на конгресните избори, Обама е пред голем политички предизвик да ја протурка својата политичка платформа низ Конгресот.

Аналитичарот Питер Браун наведува дека Американците и натаму се поделени во врска со Обама. „Речиси три четвртини од гласачите велат дека лично им се допаѓа, но помалку од половина ја сакаат неговата политика“, вели Браун.

Поголемиот дел од наредниот период на политички план ќе мине во подготовка и позиционирање на партиите за претседателските избори 2012-та.

Иако рејтингот на Обама сега е во подем, останува фактот дека тој беше низок во поголемиот дел од минатата година.

Питер Браун наведува дека политичката среќа на Обама може бргу да се смени и укажува на примерот со поранешниот претседател Роналд Реган при обидот за реизбор во 1984-та.

„Реган имаше рејтинг од 37% во 1983-та. 22 месеци подоцна, победи со најголема разлика во американската историја. Времињата и условите се менуваат. Во случајот со Реган, значително се подобри економијата.

Политичкото маневрирање се очекува да се интензивира во наредните неколку месеци, кога потенцијалните републикански кандидати ќе се изјаснат дали навистина планираат да влезат во трката за Белата куќа.

XS
SM
MD
LG