САД се приклучија на западната армиска кампања против либискиот водач Моамар Гафади „за да го запрат масакрот“ и да стават крај на “бруталната репресија“ врз либискиот народ, рече американскиот претседател Барак Обама.
Во телевизиското обраќање доцна синоќа, Обама потенцираше дека САД мора да реагираат кога нивните интереси и вредности се под закана.
Се очекува претседателот да ги повтори причините за учество во армиската кампања одобрена од ОН во денешните интервјуа за три главни американски ТВ-мрежи.
Обама синоќа кажа дека Либија и светот несомнено ќе бидат подобри без Гадафи на власт. Па сепак, тој подвлече дека ширењето на кампањата за да вклучи промена на режимот во Либија би било грешка.
Говорот беше одговор на критичарите во Конгресот и други инстанци дека Обама не ги разјаснил американските цели пред да ги вклучи силите во воздушните напади чија цел е да се спроведе зона на забрането летање над Либија.