Линкови за пристапност

Обама и републиканците пред нова политичка реалност


Обама и републиканците пред нова политичка реалност
Обама и републиканците пред нова политичка реалност

Како демократот Бил Клинтон, и поранешниот републикански претседател Роналд Реган беше реизбран во 1984-та, иако неговата партија забележа значителен пораз на конгресните избори на половина мандат во 1982-ра

Претседателот Барак Обама се соочува со променет политички амбиент по конгресните избори. Во јануари, републиканците ќе преземат контрола во Претставничкиот дом, а бројни се и во Сенатот, и покрај демократското мнозинство во ова тело.

Републиканците заговараат конгресна политика фокусирана на намалување на даноците и владините трошоци.

Водачот на републиканците во Претставничкиот дом Џон Бонер се очекува да биде следен претседател на ова тело.

„Планираме да `замрзнеме` вработувања во федералната влада, но, искрено, и да ги `замрзнеме` и платите“, најави Бонер.

Пред да замине на 10-дневна турнеја по Азија, Обама рече дека ја примил порака од гласачите на Конгресните избори - Белата куќа и Конгресот да се фокусираат на економијата и отворањето работни места по формирањето на новиот состав на Конгресот во јануари.

„Американците не сакаат статус-кво и политички ќорсокак. Сакаат да ја завршиме работата“, рече Обама.

Водачот на сенатското малцинство, републиканцот Мич Меконел гледа нова мисија за републиканците.

„Гласачите одеднаш не се вљубија во републиканците. Едноставно, не ги сакаат повеке демократите. Кога гласаа да испратат повеќе републиканци во Вашингтон, ги испратија со јасни наредби“, вели Меконел.

Гласачите ги наградија републиканците годинава, како што тоа го сторија со демократите на изборите во 2006-та и 2008-ма. Тоа сугерира многу променлив електорат, оценува Мишел Бернард од независниот Форум на жените:

„И републиканците, и демократите треба да работат заедно. Треба да бидат во можност да покажат во следните две години дека всушност нешто ќе сторат, ќе го намалат дефицитот и ќе овозможат растеж на работните места. Ако не го сторат тоа, истиот електорат ќе ги смени по две години“.

Претседателот и конгресните републиканци исто го вртат погледот и кон изборите во 2012-та, кога Обама најверојатно ќе бара реизбор. Иако некои аналитичари сметаат дека поразот на конгресните избори за Демократите е водно и знак на опасност за кариерата на претседателот, стручњакот Франк Њупорт коментира дека политичкиот амбиент по две години може да биде тотално различен.

„Да го земеме за пример Бил Клинтон, која се наоѓаше во тешка позиција откако неговата партија загуби 50 места во Претставничкиот дом и го загуби Сенатот. Но, во 1996-та на претседателските избори имаше лесен реизбор. Две години во политика се вечност. Тоа што се случи на конгресните избори во 2010-та не открива многу што ќе биде на претседателските во 2012-та“, смета Њупорт

Како демократот Бил Клинтон, и поранешниот републикански претседател Роналд Реган беше реизбран во 1984-та, иако неговата партија забележа значителен пораз на конгресните избори на половина мандат во 1982-ра.

XS
SM
MD
LG