Линкови за пристапност

Обама бара деловните џинови да лобираат во Конгресот


Да помогнат да се реши политичката поделеност околу буџетот и задолженоста

Американскиот претседател побара од истакнатите деловни водачи да помогнат во решавање на спорните прашања за државниот буџет и задолженоста.

Барак Обама денес во Вашингтон се сретна со здружението Деловна тркалезна маса, во кое членуваат извршните диретори на некои од најголемите американски корпорации како Ексон мобил, Боинг и Кола-кола.

Првиот човек на САД побара од деловните првенци да лобираат Конгресот да го одобри планот за трошоците во новата фискална година што започнува на 1-ви октомври, со што владата би избегнала делумно затворање, како и да ја зголеми националната граница на задолжување од 16,7 трилиони долари, така што САД би можеле да ги подмират своите финансиски обврски.

„Мислам дека за сите вас во наредните неколку недели ќе биде важно да разберете колкав е влогот и да го употребите своето влијание за да се врати редовната ситуација, нештата да се прават на начин што ги одразува уникатните, комплицирани преговори во една демократија, а не да се ветува апокалипса на секои три месеци“, кажа Обама.

Демократот Обама и неговите републикански противници во Конгресот се разидуваат околу тоа колкав треба да биде владиниот буџет за наредната година, кои се приоритетите во трошоците и колкава треба да биде границата на задолжување. Некои конзервативни членови на Конгресот се обидуваат да го елиминираат финансирањето на едно од позначајните постигнувања на Обама - реформата на здравствената заштита, што треба да стапи на сила наредните месеци. Тоа го условуваат со договор за трошоците и за границата на задолжување.

Обама и неговите демократски сојузници во Конгресот, пак, го отфрлаат ценкањето со здравствената заштита, така што двете партии се во пат-позиција.

Пред средбата со Обама, директорот на Боинг Џејмс Мекнерни рече дека деловните водачи не заземаат страна во политичкиот спор во Вашингтон за финансиите на владата.

„Сакаме да се најде компромис“, кажа Мекнерни.
XS
SM
MD
LG