Американскиот претседател Барак Обама означи почеток на крајот на 10-годишната војна во Авганистан, наредувајќи повлекување на 33.000 војници до крајот на 2012-та.
Во обраќањето до нацијата во ударен вечерен термин од Белата куќа, Обама нагласи дека е достигнат зенитот на војната. Тој најави дека првите 10.000 војници ќе се повлечат до крајот на оваа година.
Во моментов во Авганистан има околу 100.000 војници
Обама кажа и дека до 2014-та, процесот на транзицијата ќе биде комплетиран и авганистанскиот народ ќе биде целосно одговорен за безбедноста на својата земја.
Американскиот претседател потенцираше дека Ал-Каида се наоѓа под најголем притисок од терористичките напади на 11-ти септември 2001-ва – наваму. Во 15-минутното обраќање, Обама ја окарактеризира смртта на Осама бин Ладен како победа за сите кои служеле во вооружените сили од терористичките напади врз САД.
Тој рече дека информациите откриени во седиштето на Бин Ладен во Пакистан покажале дека терористичката група се наоѓа под „голема оптовареност“ и е на „пат кон пораз“.
Претседателот смета дека американските сили задале голем пораз на Талебан и уништиле голем дел од нивните засолништа, а авганистанските сили зајакнале и веќе преземаат одговорност за безбедносната контрола во земјата.
Со наближувањето на крајот на војната, се` помалку Американци ќе бидат изложени во опасни мисии, рече Обама, нагласувајќи дека веќе се повлекоа 100.000 војници од Ирак и дека истото ќе уследи и во Авганистан.
Првиот човек на САД е на мислење дека земјата мора да заземе поцентрален курс и да одговори на идните закани со тесно насочена сила, а не со разместување обемен армиски состав во други земји. САД мора да обезбедат меѓународна поддршка, како во случајот со војната во Либија, каде нема распореден ниту еден американски војник, смета Обама.
Според најновото истражување на јавното мислење, Американците се уморни и разочарани од војната. Анкетата на Институтот Пју покажа дека 56% сметаат дека американските војници треба да се вратат дома што е можно поскоро. Слично расположение дадоа и претходните анкети. Според истражувањето на Вашингтон пост и телевизијата Еј-Би-Си, 43% од Американците сметаат дека не вреди да се војува, споредено со 31% во март.
Неколку часа пред говорот на претседателот Обама од Белата куќа, законодавците во Конгресот водеа жестока дебата за трошоците и користа од војната во Авганистан.