Линкови за пристапност

Обама: ќе се бориме против ефектите од нафтеното излевање во годините што следат


Во речиси 17- минутниот говор до нацијата во ударен вечерен термин, претседателот се обиде да ги увери сограѓаните дека неговата администрација планира да ги забрза плановите за оштета

Во првото телевизиско обраќање во живо до нацијата од Овалната канцеларија откако стапи на функцијата американскиот претседател ги изнесе владините планови за справување со нафтеното излевање.

„САД ќе се борат со ефектите од масовното излевање на нафта во Мексиканскиот Залив во следните години“, изјави Обама и ја повика нацијата да се преориентира на енергија од обновливи извори со цел да бидат избегнати катастрофи од овој вид во иднина.

Во речиси 17- минутниот говор до нацијата во ударен вечерен термин, претседателот се обиде да ги увери сограѓаните дека неговата администрација планира да ги забрза плановите за оштета, како и да ја намали американската зависност од нафта.

Претседателот рече дека несреќата е моќен потсетник зошто земјата треба да се сврти кон други извори на енергија. Тој призна дека иако таквата транзиција ќе чини многу, сепак, на долг рок, домашната економија, националната безбедност и животната средина ќе бидат многу позагрозени ако не се оттргнат од фосилните горива.

„Една од поуките од нафтеното излевање е дека ни се потребни подобри прописи за безбедносни стандарди, како и поголема заштита на животната средина кога се работи за подводно дупчење“, рече Обама. Тој призна дека САД во моментов конзумираат 20 проценти од светската нафта, а произведуваат помалку од два проценти од црното злато.

Тоа делумно е и причината зошто нафтените компании вршат операции на подводно дупчење една милја под површината на океанското дно, затоа што се исцрпени копнените извори, наведе претседателот.

Обама рече дека на претседавачот на Бритиш петролеум (БП) Карл Хенрик Сванберг, со кого се среќава утре, ќе му каже дека мора да оддели ресурси неопходни за компензирање на оние кои, како што рече претседателот, се жртви на „невнимателноста на компанијата“.

Првиот човек на САД го заврши обраќањето до нацијата дека последната криза со нафтеното излевање не е последен предизивик со кој ќе се соочи нацијата. Сепак, нас не, како нација, не води мислата дека со помош на силата, отпорноста, непоколебливата волја не чекаат подобри времиња ако го надминеме мачниот период, рече Обама и ја повика нацијата да се помоли за погодените во Мексиканскиот Залив и да се надева на подобри времиња.

Претходно во текот на вторникот, извршните лица на БП, Шел, Ексон мобил и Шеврон се соочија со гневни конгресмени на распит за несоодветните мерки и планови за излез при ваква катастрофа.

Говорот на Обама доаѓа само неколку часа откако се врати од посетата на јужната сојузна држава Флорида, каде направи обиколка на плажите и се запозна со начинот на нивно чистење и заштита.

Ново истражување на јавното мислење што го пренесе Асошиејтид прес покажа дека мнозинството Американци - 52 проценти не го одобруваат начинот на кој Обама се справува со најголемиот еколошки инцидент во историјата на земјата, иако повеќето од нив ја обвинуваат БП за бавниот и ненавремен одговор на катастрофата.

XS
SM
MD
LG