Линкови за пристапност

Уапсените планирале бомбашки напад на синагоги во Њујорк


Уапсените планирале бомбашки напад на синагоги во Њујорк
Уапсените планирале бомбашки напад на синагоги во Њујорк

Официјални лица од Њујорк објавија апсење на две лица кои наводно заговарале напад врз синогога во градот. Тие ќе бидат обвинети според њујоршки терористички закони.

Двете лица беа уапсени во средата и официјални лица велат дека ќе бидат обвинети за заговор за изведување тероризам и кривични дела од омраза.

Њујоршката полиција ги уапси 26-годишниот Ахмед Ферхани, со алжирско потекло, и Мохамед Мамдух, 20-годишник роден во Мароко. Властите презеле акција откако Ферхани платил рата за три пиштоли, неколку кутии муниција и неактивна граната што ја купил од таен агент.

Официјални лица велат дека Ферхани ја објаснил својата мотивација како омраза спрема Евреи и дека Муслиманите се „третирани како кучиња“ ширум светот. Тој наводно покажал интерес да изврши терористички напад врз Емпајар стејт билдинг.

На, прес-конфереција, јавниот обвинител од Менхетн, Сајрус Венс Џуниор рече дека заговорот станувал се` понасилен во процесот на планирање, но не бил поврзан со неодамнешната акција на американските командоси и убивањето на Осама бин Ладен.

„Иако обвинетиот во овој момент не е обвинет за членство во терористочка организација, да нема забуни, тој јасно стави до знаење што сака да стори: да купи пиштоли, да најде експлозив, да разнесе синагоги и да убие Евреи. Тој бил определен за насилен Џихад и неговите планови со секоја измината недела станувале се` понасилнички и поголеми“, изјави јавниот обвинител.

Федералните власти, кои вообичеано ги водат истрагите врзани со тероризмот, одбија да земат учество во случајот и затоа осомничените ќе бидат обвинети според њујоршките закони. Полицискиот комесар на сојузната држава Њујорк, Рејмонд Кели вели дека причината за тоа е што случајот почнал како криминална истрага од канцеларијата на јавниот обвинител од Менхетн.

Инспекторите почнале со истрагата на крајот од октомври, кога Ферхани предложил план за спроведување бомбашки напад врз синагоги и убивање Евреи, на таен агент. Властите велат дека тој зборувал за неговата желба да учествува во Џихад и го претставил неговиот соработник Мохамед Мамдух. Подоцна Ферхани наводно планирал да се облече во еврејска носија и да влезе во Синагога со цел да подметне бомба.

Градоначалникот на Њујорк Мајкл Блумберг ја поздрави полициската акција и рече дека само предострожност ќе спречи слични заговори и во иднина:

„Секогаш ќе има закани, особено од вакви поединци. Тие се најтешки да бидат запрени во намерите“, рече Блумберг.

Имамот Шамси Али, прв човек на Исламскиот културен центар во Њујорк, кој беше поканет на пресот од градоначалникот Блумберг, рече дека Муслиманите треба да имаат тесна соработка со полицијата и еврејската заедница.

Ахмед Ферхани претходно бил апсен за поседување оружје и наркотици. Официјални лица велат дека обвинувањата против него и Мохамед Мамдух носат максимална казна затвор.

XS
SM
MD
LG