Линкови за пристапност

Етикети по светски стандарди


Нови правила за македонските извозни производи

Од средината на следниот месец, македонските производи по ништо нема да се разликуваат од сите други во светот - на етикетата ќе ги содржат сите податоци, од потеклото, табелите за хранливите состојки, отстапките од нето тежината и алергените, и тоа со болдирани букви или букви во друга боја.

„Од 13-ти декември, веќе нема да зборуваме за означување на храната, туку за информации, детални, прецизни, конкретни. Измените ќе претставуваат бенефит за двете страни, и за потрошувачите кои ќе имаат можност да прочитаат што точно купуваат и врз основа на тоа да го направат вистинскиот избор, но и за компаниите кои пратично ќе добијат моќна алатка за презентација на своите производи, како и воспоставување фер конкуренција“, изјави денеска директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Зоран Поповски.

Препораките за прецизно означување на производите доаѓаат од Европската унија, и без нив македонските извозници на храна нема да можат да ги пласираат своите производи во странство. За производите што ќе останат на домашниот пазар, задолжителното прецизно означување ќе важи од 1-ви јуни следната година. Според првиот човек на АХВ, во тек се обуки на домашните производители на храна за овие измени, а за оние коишто нема да ги почитуваат законските обврски се предвидени казни од 3 илјади евра за правни лица, до илјада евра за одговорно лице и до 500 евра за физичко лице.

XS
SM
MD
LG