Специјалниот американски претставник за човекови права во Северна Кореја Роберт Кинг вели дека бил постигнат напредок во преговорите со севернокорејските претставници околу деталите на планот за 240.000 тони америанска помош во храна за комунистичката земја.
„Разговараме за редица прашања. Направивме напредок, но се` уште има прашања што треба да ги решиме“, изјави Кинг по средбата во Пекинг и најави дека и утре ќе се сретне со претставниците на Пјонгјанг.
Средбите би можеле да го отворат патот за првата американска помош за Северна Кореја во последниве три години. Минатата недела, Вашингтон објави дека постигнал договор со Пјонгјанг да прекине со нуклеарните и ракетни тестирања и да дозволи инспекторите на ОН да се вратат во земјата, во замена за помош во храна.
Вашингтон 2009-тата ја укина помошта откако Пјонгјанг ги протера американските набљудувачи кои беа загрижени дека таа завршила само кај армијата и политичката елита.