Линкови за пристапност

Шест членки на ЕУ бараат механизам за суспензија на визната либерализација


Наведуваат дека постои наплив од азиланти; најголем број на барања за азил во Шведска, Германија, Белгија и Холандија доаѓаат од Србија и Македонија, вели европратеничката Тања Фајон.

Европската комисија соопшти дека шест земји-членки на Европската унија - Франција, Луксембург, Белгија, Холандија, Германија и Австрија - упатиле барање до Комисијата на наредниот Совет на министри за внатрешни работи на 27-ми октомври да се договори примената на клаузулата со која на земјите - членки ќе им биде овозоможено по брза постапка да ја суспендираат привремено визната либерализација со земји од Западниот Балкан од кои пристигаат граѓани со барања за азил.

Во писмото потпишано од министрите за внатрешни работи на споменатите шест земји-членки се изразува загриженост за состојбата и се бара што поскоро да бидат преземени мерки што ќе го спречат напливот на азиланти, изјави портпаролот на ЕК Микеле Черконе. Тој ја пренесе и загриженоста на ЕК за ваквата состојба.

„Одлуката за визна либерализација со земјите од Западниот Балкан е значајна за обезбедување на слободата на движењето, но таа одлука носи и одговорност за институциите на државите на кои им беше овозможена оваа бенефиција и сметаме дека тие држави треба да покажат подготвеност да се справат со ситуацијата. Ако обрвските не се исполнуваат, ќе има последици“, изјави Черконе.

Пратеничката од Европскиот парламент Тања Фајон, известувач на Парламентарната комисија за визна либерализација, изјави дека до крајот на годината може да се очекува Советот на министрите да го усвои новиот механизам што предвидува суспензија на визната либерализација. Во својата изјава, таа наведе дека најголем број на барања за азил во Шведска, Германија, Белгија и Холандија доаѓаат од Србија и Македонија.

ЕК во својот трет по ред извештај за визната либерализација со земјите од Западниот Балкан, што ќе биде предмет на расправа на Советот на министрите на крајот од месецов, наведува дека е потребно да се зајакне истрагата на туристички агенции кои ја злоупотребуваат либерализацијата; земјите од Западниот Балкан да ја зајакат контролата на границите; јакнење на информативните кампањи меѓу делови на населението што се најподложни на манипулација и мерки за подобрување на социоекономската состојба на малцинските групи, особено Ромите. Во анализата содржана во Извештајот на Директоратот на ЕК за внатрешни работи стои и дека најголемиот број на баратели на азил се жалат дека немаат соодветна здравствена грижа, можност за вработување и школување. Документот утврдува и дека голем дел од барателите на азил се жртви на лоша информираност.
XS
SM
MD
LG