Линкови за пристапност

Џозеф Данфорд номиниран за нов началник на Генералштабот на САД


Ако биде потврден од Сенатот, Данфорд ќе биде втор маринец на оваа висока позиција, по Питер Пејс

Американскиот претседател Барак Обама го номинираше маринскиот генерал Џозеф Данфорд за нов началник на Генералштабот, кој ќе го замени Мартин Дампси. Тој го номинираше и генералот од воздухопловните сили Пол Силва за негов заменик.

На церемонија во Белата куќа, претседателот Обама го нарече Данфорд еден од најценетите офицери во американската армија, со докажани способности, како командат на меѓународните коалициони сили во Авганистан од 2013-та до 2014-та, и како командат на борбениот тим на маринци за време на американската инвазија врз Ирак во 2003-та, со што го стекнал прекарот „Борбениот Џо“.

Џо е докажан лидер на нашите заеднички сили, вклучувајќи ги нашите војници во Авганистан, на коишто им служел вечера за Божиќ. Тој е одличен стратег. Познат и почитуван и меѓу сојузниците, членовите на Конгресот од двете страни и меѓу колегите во нашата влада“, рече Обама.

Данфорд е команден офицер на маринците, функција што ја презел кон крајот на минатата година. 59-годишниот Данфорд претходно го надгледувал повлекувањето од американските сили и предавањето на безбедносните операции во раце на авганистанските сили.

Данфорд е маринец од 1977-ма, и ако биде потврден од Сенатот ќе биде вториот маринец којшто служел како Началник на Генералштабот, по пензионирањето на генералот Питер Пејс, кој беше на функцијата во периодот меѓу 2005 до 2007-ма.

XS
SM
MD
LG