Републиканскиот конгресмен Дејв Трот од сојузната држава Мичиген е најновиот член на Конгресната група за Македонија и македонски Американци, соопшти Обединетата македонска дијаспора (ОМД).
Трот е член на Конгресните комисии за правосудство и надворешни работи, и на Поткомисијата за Европа, Евроазија и нови закани, којашто, меѓу другото, во чија надлежност се и американско-македонските односи.
Пред да стане конгресмен, работел како претседавач, извршен директор и сопственик на неколку бизниси коишто креирале и спасиле 1.800 работни места во југоисточен Мичиген, наведува ОМД. Според Дијаспората, во Мичиген живеат околу 125.000 Американци од македонско потекло.
„Со оглед на неговите интереси за европски работи, убедени сме дека конгресменот Трот ќе биде ангажиран на прашања коишто се однесуваат на македонско-американската заедница, вклучувајќи и ги и надежите на Македонија за членство во НАТО и напредокот на стратешкото партнерство меѓу САД и Македонија“, изјави членот на Одборот на ОМД во Мичиген, Џорџ Петерс, којшто неодамна се сретнал со конгресменот.
Во Конгресната група пријатели на Македонија членуваат пратеници од обете партии, а таа сега брои 19 члена.