Линкови за пристапност

НБА финале: израмнување на сметките?


NBA Final 1
NBA Final 1

Леброн Џејмс наспроти Тим Данкан; кој ќе биде најкорисен играч во меѓусебната серија?

Големото финале на НБА почнува вечерва: младите ѕвезди на домаќинот Мајами хит против докажаните ветерани од Сан Антонио спарс, во според прогнозите, неизвесна битка во серијата најдобар од седум натпревари.

Тимот од Тексас веќе ја покажа својата конзистентност под палката на искусниот стратег Грег Попович: пет финалиња во последните 15 години.

Најдобриот играч, Тим Данкан кој покажува ѕвездени моменти на залезот на кариерата, ќе се бори за петтиот шампионски прстен. Битна алка во екипата се ветераните Тони Паркер и Ману Џинобли, кои во досегашниот плејоф вообичаено постигнуваат 20 поени и повеќе по натпревар.

Актуелниот шампион Мајами хит ги вложува картите во својата „Голема тројка“: Леброн Џејмс, Двејн Вејд и Крис Бош. Ѕвездата Џејмс има причина повеќе за триумф поради поразот од Сан Антонио во 2007-ма, кога играше за Кливленд кавалирс и не успеа да извојува ниту една победа во финалната серија. Спарс тогаш ги декласираа Кавс со 4:0. Можеби, оваа сезона дојде време за израмнување на сметките?

Првиот меч вечерва е на програмата во 2 часот по полноќ по македонско време. Според правилата, како резултат на најголемиот број победи во регуларниот тек на сезоната, Мајами е домаќин на првите два, потоа следните три се играат во Сан Антонио, а евентуалниот финиш - последните два меча ќе се играат во салата Американ Ерлајнс во Саут Бич.
XS
SM
MD
LG