Решение за името, па влез во НАТО - генералниот секретар на Алијансата Андерс Фог Расмусен и во Скопје, директно на македонските власти им ја соопшти пораката од Брисел. Од премиерот Никола Груевски побара да донесе храбра одлука, а наградата за тоа е членство на Македонија во НАТО. Првиот човек на НАТО го уважи напредокот на Македонија во евроатлантските интеграции, но исто така беше искрен дека спорот со името е клучен услов вратите на Алијансата да и` бидат отворени.
„Се надеваме дека ќе видиме проактивна позиција од сите страни за изнаоѓање на решение и за постигнување на компромис. Во одредена фаза, храбрите политички одлуки ќе бидат потребни од сите страни за да се постигне стратешката цел на вашата земја за членство во ЕУ и НАТО“, рече Расмусен .
Тој смета дека постои подготвеност за изнаоѓање решение, но исто така е свесен дека дека политичките предизвици можат да бидат големи.
„Она што можам да го направам е да ги охрабрам сите вклучени страни да дадат максимум за изнаоѓање на прагматично решение“, кажа Расмусен.
И премиерот Груевски со познатиот став - Грција сега треба да покаже флексибилност, а Македонија веќе демонстрирала дека е подготвена за решение. На благодарноста од Расмусен за придонесот на македонските мировници во мисијата ИСАФ во Авганистан, Груевски одговори дека единствениот пат за Македонија продолжува да води до НАТО.
„Македонија останува стабилен партнер на НАТО. Продолжуваме со реформите и со нашите мисии во НАТО. НАТО останува еден од највисоките приоритети на Македонија изразен преку високата поддршка кај граѓаните и со учеството во мисиите на Алијансата“ порача Груевски.
Ова е прва посета на Расмусен на Македонија откако е на челната позиција во НАТО. Тој се сретна и со првиот човек на ДУИ, Али Ахмети и со претседателот на опозициониот СДСМ, Бранко Црвенковски.