Линкови за пристапност

Исклучителен напредок, но и потреба од независно судство и борба против корупцијата


Интервју со Наташа Срдоч
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:17 0:00

Интервју со Наташа Срдоч

Интервју со Наташа Срдоч од Јадранскиот институт за јавна политика, за македонскиот учинок во Индексот на економска слобода на Херитиџ и Вол Стрит џурнал

Македонија забележа најдобар резултат во соседството и највисока оценка досега во вчера објавениот годишен Индекс на економска слобода, заеднички проект на Фондацијата херитиџ и весникот Вол стрит џурнал - спаѓа во „умерено слободните“ земји со 68,6 од можни 100 поени, што е за 0,4 подобро од минатата година. За учинокот на Македонија, Гласот на Америка ја интервјуираше Наташа Срдоч од Јадранскиот институт за јавна политика.

Покрај тоа што е на чело на Институтот, Срдоч пет години соработуваше со Одделот за анализа на изданието Економист. Ги набројува причините што на Македонија и` донесоа најдобра оценка во Југоисточна Европа: „Македонија прави исклучителен напредок во трговијата, слободата, исто е добра во фискалната слобода бидејќи воведе рамен данок, го намали персоналниот данок, корпоративниот данок и данокот на додадена вредност. Ова не е само во контекст на регионот, туку и во споредба со останатиот свет“.

Срдоч ја истакнува и трудовата слобода и легислатива, но и инвестициона клима, во смисла на поедноставената регулатива за отворање на бизнис и по ниска цена. Се` на се`, вели: “Во споредба со регионот, Макеодонија навистина напредна во сите овие категории“.

Меѓу забелешките за земјата во извештајот на Херитиџ и Вол Стрит џурнал се системската слабост во заштитата на сопственичките права и спроведувањето на мерките против корупцијата. Срдоч дава ваква сугестија: “Препорачуваме да донесе гости - судии и обвинители од земји каде постои традиција на владеење на правото, да помогнат на домашните чесни обвинители и судии, но и помладата генерација на дипломирани правници да посведочи за чесен ангажман во судството, така што за релативно ново време, нова генерација да влезе во судството и да го преобрази, за да биде навистина независно“.

Економистката наведува и дека мора да се конфискува нелегално стекнатото богатство на корумпираните политичари и нивните партнери во криминалот, потсетувајќи дека од Македонија се одлеале 6 милијарди долари од 2001-ва до 2010-та преку криминал, корупција и даночно избегнување. Препорачува судиите, без политичко мешање, да го конфискуваат одлеаното, доколку поединците не можат да потврдат дека го заработиле законски.

Приливот на директни инвестиции во Македонија, според Херитиџ, изнесува 134,6 милиони долари. Запрашана како Македонија да ја подобри бројката, таа потсети на случајот со Дојче телеком - компанијата плати казна во САД од околу 95 милиони долари за поткупување на странски претставници во Црна Гора и Македонија, преку нивната компанија во Унгарија.

„Ако компаниите знаат дека единствен начин да се оперира во Македонија е да се плати поткуп, нема да видите американска компанија или која и да е друга вклучена во берзите во САД, бидејќи тие мора да ги следат американските закони. Би било од корист за Македонија да обезбеди дека има строги закони, дека ја гони корупцијата, дека постои владеење на правото и заштита на сопственичките права“, вели Срдоч.
XS
SM
MD
LG