Линкови за пристапност

Мистериозниот свет на мравките


Најнови истражувања фрлаат светлина на нивните инженерски способности и генетски феномени. Каква е користа за човештвото?

Научниците веќе подолго време се фасцинирани од високиот степен на организираност во колониите на мравките - од начинот на спасување при поплави, па се`до тоа како ја избираат следната кралица. Сега, со помош на нова технологија, тие добија нови сознанија за животот на мравките.

Црвените мравки што живеат во бразилските шуми совршено се адаптирале на средината каде поплавите се честа појава. За да се спасат од давење, тие ги соединуваат нозете и создаваат создаваат своевидни сплавови што се широки и до 20 сантиметри.

Според инженерот и стручњак за механика, Дејвид Ху, мравките знаат како да се поврзат цврсто, едно со друга: „Замислете 100 мравки, што вкупно имаат 600 нозе. 99% од нозете се поврзани, со што создаваат одлична мрежа“.

За да ја дознаат тајната на инженерските способности на мравките, Ху и колегите од Институтот за технологија на Џорџија ги замрзнале сплавовите од мравките, а потоа ги скенирале со компјутерска томографија. Откриле дека поголемите мравки служат како средишта за кои се поврзуваат помалите мравки, формирајќи џебови од воздух што помагаат да не потонат.

Научниците велат по углед на мравките, во иднина би можело да се програмираат мали роботи или да се дизајнира посебен материјал, што би помогнало при поплавите.

На Универзитетот на Северна Каролина, научниците истражуваат како индиските мравки (Harpegnathos saltator) избираат водач на колонијата кога ќе ја загубат кралицата. Истражувачот Клинт Пеник вели дека обичните мравки-работници, инаку сите од женски род, тогаш учествуваат на своевиден турнир на меѓусебно војување.

Откако ги обележал со боја за полесно распознавање, Пеник вели дека со соработниците забележал дека некои мравки-работници станале физички подоминантни и дека тоа предизвикало активирање на одредени хормони: „За неколку дена, забележавме промена во допаминот во мозокот, што сметаме дека е поврзан со процесот на репродукција што започнува кај мравките-работнички“.

Наскоро, мравката што ќе победи на турнирот развива јајници, а истовремено, нејзиниот мозок се намалува по големина и таа целата енергија ја насочува на репродукција. Нејзиното тело почнува да се расте, исто како и животниот век - трипати подолг од другите.

Научниците велат дека ваквото однесување и ослободувањето на неврални хормони е резултат на генетски инструкции и најавуваат дека ваквите наоди може да помогнат да се разбере врската меѓу хормоните и гените кај луѓето.

XS
SM
MD
LG