Колекцијата е разновидна: од популарна музика, опери и раните почетоци од џезот, па се` до поезија и славни политички говори. Ал Џолсон, Артуро Тоскани, Енрико Карузо и Џорџ Гершвин се само некои од музичките џинови застапени во неа.
Веб-страницата можете да ја најдете на http://www.loc.gov/jukebox/
Таа е заеднички проект меѓу Конгресната библиотека и музичката куќа Сони. Нуди Интернет-пристап до многу музички снимки во САД од периодот 1901–1925.
Конгресниот библиотекар Џејмс Билингтон ја нарекува огромно богатство и ризница.
„Има материјал од почетоците на џезот, познати говори, поезија, хумор, опера, музика за танцување, како и информации за сите снимки“, вели Билингтон.
Конгресната библиотека поседува најголема колекција на историски аудио-снимки во САД. Тие се зачувани и заштитени во специјална зграда во сојузната држава Вирџинија.
Ричард Стори, претседателот на Сони за комерцијална музика, вели дека колекцијата трага по корените и развојот на американската музика. Тој претстави неколку снимки на влијателни музичари кои сега се дел од Џубоксот, како видео-материјалот од 1970-тите, на кој американскиот композитор Јуби Блејк ја изведува неговата препознатлива песна „I’m Just Wild About Harry“ со тогаш младиот Хари Коник Џуниор на клавирот до него. Коник, кој сега има 43 години, ја исполни истата нумера на промоцијата.
Во Џубокс се наоѓа и првата објавена снимка од правецот џез од 1917-та, “Livery Stable Blues” од Диксиленд.
„Џубоксот е динамичен. Сакаме да создадеме архива на историски звуци што ќе расте така што бројот на снимки да нарасне за десетици илјади во следните години“, вели Џин ДиАна, која раководи со Одделот за снимки при Конгресната библиотека.
Во одделот на Музејот каде се чуваат снимките во моментов има 100.000 историски тонски записи. Посетителите на Џубоксот на Интернет може да слушнат 10.000, но и да погледнат илјадници фотографии и биографии на изведувачи.