Повеќе од три месеци нема ни трага ни глас од Мирсада, Дани и Митат. Трите деца на возраст од пет до осум години како да пропаднаа в земја. Семејствата неутешни, полицијата немоќна... Од нив нема ни трага ни глас..
Секоја од овие приказни е посебна, но во суштина тие се многу слични - трагите им се губат во селските дворови, покрај река, во времето на нивното исчезнување во близина се видени непознати автомобили и сите досегашни потраги завршиле безуспешно.
Петгодишниот Дани исчезнал пред очите на својата баба, во близина на реката што тече во нивниот двор во кумановското село Средорек. Иста е приказната и за неговаа врсничка и соселанка Мирсада. Очевидци велат - сомнителен црн џип неколку дена бил во селото. И трагите на осумгодишниот Митат од скопско Средно Коњаре се губат покрај локалната река, откако со другарите се вратил од училиште. И во неговиот случај фигурираат две сомнителни возила.
Каде исчезнуваат македонските деца? Дали се жртви на несреќен случај или пак на трговија?
„Можно е давење во вода. Реката е нешто непредвидливо. Водостојот е голем, а тоа го имаме кај овој случај кај Средорек. Многу зависи од тоа какво е коритото на реката. Иако можеби е плитко, ако водата е брза, станува збор за мала телесна маса што таа може да ја понесе. Има доста подводни гранки и дрва кои можат да, не дај Боже, да се закачат. Меѓутоа кога сме имале конкретни случаи, со сигурност сме знаеле дека навистина станува збор за несреќен случај - најчесто после неколку дена или недели сме го наоѓале трупот“, вели криминологот Душко Стојановски.
Но, таков не случајот на ниту едно од трите несреќни деца. Исчезнувањето на три деца во еден месец за експертите е сепак симптоматично. Следната теорија е дека се изнесени надвор од земјата преку дивите гранични премини. Македонија, според светските статистики, е транзитна зона за трговија со луѓе по линијата Косово - Албанија - Србија - Бугарија - Романија - се` до Италија и други европски земји.
„Во 80-те години имаше ситуации кога малолетни деца беа носени во Италија, злоупотребувани да просат, и за имотни деликти. Впрочем, МТВ снимаше една таква серија - Трст виа Скопје. Дете на таа возраст може многу лесно да заборави кое и каде е. Интересен е фактот дека западниот свет е заинтересиран за деца на таа возраст, бидејќи тие многу лесно се адаптираат и буквално забораваат од каде доаѓаат“, вели Стојановски.
По исчезнувањето на малата Ангела од мариовско Дуње, во Македонија се отвори една нова дилема што внесе немир кај јавноста. Можно ли е децата да се дел од се почесто споменуваните ланци за трговија со органи? За криминолозите, место за паника има посебно по минатогодишното откривање на куќата на ужасот на Косово, како и Жолтата куќа во Албанија, каде наводно се вршеле трансплантации.
„Орган на седумгодишно дете може успешно да се трансплантира на возрасен човек. Овој податок го имаат кринималните организации зад кои стојат влијателни луѓе во самите држави кои што финансиски стојат зад тие приватни болници и на крај ги снабдуваат со човечки органи. Не можам да тврдам со оглед дека за тоа треба да имате доказ, но можно е Ангела да била жртва на трговија со луѓе, да е жртва на трговија со човечки органи, да речеме“, вели Маријан Богдановски, криминолог.
Поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов, пак, со спротивен став:
„Во Република Македонија, колку што јас се сеќавам, досега немало случај да биде киднапирано дете и после да се потврди дека тоа е искористено за трговија со неговите органи“, наведува Трајанов.
Но, сите се согласуваат дека случаите на исчезнување на деца во Македонија тешко се расчистуваат, а трагите лесно се прикриваат. Според полициските досиеја, од 1987-ма година исчезнати се 20 деца, сите без трага.