Линкови за пристапност

Обама им оддаде почит на загинатите во американските војни


По повод Денот на сеќавањето американскиот претседател кажа дека ова е прво одбележување на празникот по крајот на војната во Авганистан.

Претседателот Барак Обама постави венец на Гробот на незнајните како дел од неговото одбележување на годишниот празник Ден на сеќавањето во САД.

На церемонијата на Националните гробишта во Арлингтон беа присутни истакнати личности, армиски персонал и семејства на ветераните.

Зборувајќи на церемонијата Обама потсети на мажите и жените кои умреле за зачувување на слободата. Тој исто така забележа дека ова е прв Ден на сеќавањето откако заврши војната во Авганистан. Претседателот кажа дека Авганистан останува опасно место и дека помалку од 10.000 трупи се` уште се во Авганистан за обука и помош на авганистанските сили.

Додека многу заедници во државата го одбележуваат Денот на сеќавањето со паради, патриотски концерти и церемонии, други тоа го прават со тивка рефлексија за оние кои ги загубиле животите служејќи им на САД.

Во неделата, илјадници моторциклисти протатнија низ Вашингтон за годишната „Тркалачка грмотевица“, собир на моторциклисти кои сакаат да го свртат вниманието на воените затвореници и оние кои се водат како исчезнати во акција.

Првата прослава од голем размер за празникот што на почетокот се викаше Ден за декорација, се случи на арлингтонските гробишта во 1868, три години откако крвавата Граѓанска војна во САД однесе над 600.000 животи.

Многумина Американци на овој ден не работат и не одат на училиште, а тридневниот викенд се смета за официјален почеток на сезоната на летни годишни одмори. Многу семејства одат на излет или патуваат на плажа, минуваат време во парковите и кампуваат.

XS
SM
MD
LG