Македонската режисерка го снимила документарецот Сродни души со грант од 3.000 долари од државниот Универзитет Вејн во Мичиген. Бил избран во конкуренција од 24 проекти. Освои награда за најдобар документарец – „Направено во Мичиген во 2010-та“, а веќе е прикажан во Србија, Македонија и Канада. Макеска за Гласот на Америка говори за предизвикот да ја екранизира депортацијата на македонските Евреи во логорот Треблинка.
Заштитен знак на филмот е бабата на Марија, нејзина имењачка и инспирација со сказните од детството:
„Најинтересен дел од таа приказна беше Втората светска војна. Таа имала само 12 години и имала другарка која била Еврејка. Баба ми со чиста љубов сакала да и` помогне да излезе од Монополот кога нацистите ги собрале Евреите. На затворените - Евреи им носеле храна, но не можеле да направат ништо повеќе“, вели Макеска.
Во дејството се преплетуваат два карактера:
„Имаме од македонскиот карактер, македонски фамилијарни обичаи за време на и пред Втората светска војна. Имаме еден современ тип на македонска култура. Има и уште една страна за која можеме да зборуваме – еврејската страна. Тоа е богата култура која била присутна во Македонија до Втората светска војна, особено сефарската култура. Тие биле раселени низ целата територија на Македонија, најмногу во Егејска Македонија“ додава режисерката.
Зошто токму насловот - „Сродни души?“
„Филмот не е некоја љубовна приказна. Се работи за љубов која создава еден вид на духовна сила“, вели Макеска.
Македонската режисерка, која живее во Детроит, поентира: пријателството е вечно и тоа е единствената порака од овој едукативен филм за следните поколенија.