На 8-ми март, во живописниот Њу Орлеанс во сојузната држава Луизијана, официјално ќе биде прогласен неработен ден. Таквиот чекор нема ништо со буџетската криза или пак природна непогода. Причината е годишната улична прослава Марди гра, најголемата во Америка.
Марди гра, што во превод значи „масен вторник“, е ден на луда забава пред Чистата среда и почетокот на христијанскиот пост што води кон Велигден.
Банките, поштите, судовите и сите други градски канцеларии ќе бидат затворени, освен полицијата и пожарникарската служба. Улиците ќе бидат преполни, со стотици илјади туристи од САД, но и од светот.
Повеќе од еден милион луѓе присуствуваа на Марди гра во 2005-та, неколку месеци откако ураганот Катрина опустоши голем дел од градот. Требаше да мине подолг период, но Њу Орлеанс се опорави.
Учесниците на парадата, во маски и најнеобични костуми, качени на возила ќе фрлаат ѓердани и парички за посетителите.
Возилата од парадата не се дозволени на тесните улички во централниот дел на Њу Орлеанс, историскиот Француски кварт. Па сепак, тука забавата ќе биде најлуда: размената на насмевки, гестови и зборови меѓу минувачите кои ја следат парадата со оние кои прославуваат на познатите железни балкони на куќите е живописна, но напати и подгреана од алкохолот, а во извесни случаи и таква што не само што не е за објавување во овие редови, туку и причина да реагира полицијата.
„Донесете ги своите грижи на Марди гра, дозволете и` на музиката да ви ја исплакне душата“, напиша еднаш за празникот музичарот и текстописец Пол Сајмон. Веселбата, престорувањето во костими и магичното се едни од причините Њу Орлеанс да се нарекува „Градот во кој се забораваат грижите“.