На пријателскиот ракометен турнир „Независност“ во Приштина, организиран по повод четиригодишнината од прогласувањето на независноста на Косово, а на кој учествуваше и младата репрезентација на Македонија, се случи нов инцидент со палење на македонското државно знаме.
По провокациите и навреди на национална основа, македонските младинци (екипата ја сочинувале играчи од 16 до 19 години) со помош на косовската полиција безбедно ја напуштиле спортската сала и Приштина. Иако за време на тродневниот престој на македонските спортисти на Косово немало инциденти, на самиот напревар се појавиле траспаренти - „Господ ве направи Бугари, Тито – Македонци!“ и „Македонија не постои!“ и навредливи скандирања.
Медиумите го цитираат селекторот на младинската селекција Стојан Петрушевски дека ракометарите биле „буквално престрашени“. Иако водството на репрезентацијата во прв момент помислило да го напушти теренот со играчите кога косовските навивачи од групата „Плисат“ ги исполниле заканувачките најави и го запалиле македонското знаме, сите заедно сепак останале на теренот до крајот на мечот, за да не ја зголемат напнатоста.
Селекторот го истакнува гостопримството на домаќините - косовската ракометна федерација, но генералниот секретар на Ракометната федерација на Македонија, Марјан Начевски најави дека поради инцидентот, „сериозно ќе ги преиспитаат односите со косовската федерација“.
Косовските хулигани се закануваа со палење на македонското знаме како одмазда за стиховите од навивачката песна која дел од македонските навивачи ја пееја на ЕП во ракомет во Ниш и Белград, а во која се навредуваат Албанците. За ова, за време и по првенството, реагираа и двете најголеми партии на етничките Албанци во Македонија, кои сметаа дека претседателот Ѓорге Иванов не треба да ги одликува ракометарите со медали за заслуги, зашто, според нив, „шовинизмот на македонските навивачи, за жал, бил поддржан и од македонските ракометари“, односно, македонските ракометари не се оградиле од постапките на македонските навивачи кои „демонстрирале шовинизам кон Албанците“.
И Косовската ракометна федерација, која упати официјално извинување за инцидентот во Приштина, го наведува навивањето на ЕП во Србија.
„Длабоко жалиме за инцидентот што се случи синоќа и остануваме на тврдењето дека станува збор за дело на неколку поединци, а не на став на целокупната косовска спортска јавност. Сакаме да потенцираме дека ваквите поединци веднаш беа уапсени од косовската полиција, која ја имаше во доволен број во салата и ја држеше ситуацијата под контрола. Се надеваме дека ваквите инциденти какви што се случија во Приштина, но и низ арените каде што се играше ЕП 2012, нема да ги нарушат односите, ниту ќе ја прекинат соработката помеѓу ракометните федерации на двете држави, која се случува со години“.
Министерството за надворешни работи на Република Македонија го осуди палењето на знамето.
„Инцидент од овој карактер, проследен со пароли со навредлива содржина, не одат во прилог на одличните добрососедски односи меѓу Република Македонија и Република Косово“, се вели во реакцијата од МНР.
Приштинскиот инцидент следува само три месеци по последното палење на македонското знаме на Косово, на фудбалски натпревар во Качаник, каде беше истакнат и транспарент: „2012 не е крај на светот, туку крај на Македонија!“.