Линкови за пристапност

Нимиц: нема нов предлог


Нимиц: нема нов предлог
Нимиц: нема нов предлог

Преговарачите на Македонија и на Грција имаа двочасовна средба во канцеларијата на специјалниот посредник на ОН

„Не изнесов нов предлог. Во моментов има многу елементи на маса за кои дискутиравме изминатите години. Двете страни знаат кој е проблемот за прашањето и кои се можните решенија. Затоа не дадов нов предлог“, изјави посредникот на ОН Метју Нимиц по двочасовната средба со преговарачите на Македонија и Грција, Зоран Јолевски и Адамантиос Василакис.

Тој побарал од двете страни да продолжат длабоко да размислуваат за решение, да ги преразгледаат позициите, да преземат чекори во правец на градење меѓусебна доверба да се воздржат од чекори кои предизвикуваат конфузија и недоразбирање, како и двата премиера, ако имаат можност, да продолжат да се среќаваат.

Нимиц оцени дека разговорите минале во добра атмосфера.

„Обете страни изразија позитивен пристап за да се придвижиме напред. Сметам дека најголем развој на настаните изминатата година беше дијалогот меѓу двата премиера, изразен во осумте меѓусебни средби. Мојот став гласи - како овој позитивен импулс да ја продлабочи меѓусебната доверба и разбирање на највисоко ниво“, рече Нимиц.

Во фокусот на средбата било како да се придвижи преговарачкиот процес.

„Им го пренесов мојот став на преговарачите дека треба да разговараат за елементи за градење доверба и теми за дускусија со кои би можеле да видиме дали ќе биде постигнат напредок во разговорите. Обете страни ми соопштија дека сакаат да продолжам со моите напори за решавање на прашањето“, истакна посредникот, кој додаде дека не прецизирале датум за следна средба, но наскоро ќе го усогласат.

Македонскиот преговарач, амбасадорот Зоран Јолевски, за Гласот на Америка по средбата изјави:

„На средбата со медијаторот Нимиц и мојот колега Василакис ги презентирав позициите на Република Македонија. Информирав дека Македонија е искрено определена за взаемно прифатливо решение кое ќе го заштити идентитетот и дигнитетот на македонските граѓани“.

Грчкиот преговарач, амбасадорот Адамантиос Василакис коментираше дека неформалните разговори биле добра можност да се види каде се движат преговорите по пауза од подолг период. Тој рече дека во Атина ќе ги пренесе најновите моменти, по што владата ќе се произнесе за следните чекори во процесот.

XS
SM
MD
LG