Линкови за пристапност

Средба на Груевски и Папандреу во Истанбул

  • Борјан Јовановски
  • известувач Скопје

„Се подобруваат човечките односи, што влијае и на подобрување на односите меѓу земјите, а кога има подобра атмосфера, полесно може да се дојде до решение“, рекол Груевски по денешната средба со Папандреу

Средата се случила нова, шеста по ред лице-в-лице средба на премиерите на Македонија и Грција, Никола Груевски и Јоргос Папандреу.

Овојпат, премиерите се сретнале на маргините на Самитот на лидерите од Југоисточна Европа, што се одржува во Истанбул. Нема информации за тоа какви се резултатите од раговорот меѓу нив.

Папандреу на прашањето за проблемот со името се осврнал во излагањето на Самитот.

„Јас и Никола покренавме иницијативи и нови напори за да го решиме ова многу важно прашање, се разбира под покровителство на Обединетите Нации“, рекол Папандреу, потенцирајки дека е подготвен во најкус можен рок да се најде заеднички прифатливо решение за дведеценискиот спор.

Оваа изјава на Папандреу подоцна ја коментирал и премиерот Груевски.

„Мислам дека Папандреу отворено зборува дека тој и јас, нашето и нивното раководство, сакаме да дојде до договор, но се` уште трагаме по решение, се разбира под чадорот на мандатот на Метју Нимиц. Се обидуваме да најдеме решение што нема да им наштети на двете држави, ниту на Грција, ниту на интересите на Македонија“, изјавил македонскиот премиер.

Одговарајќи на новинарско прашање дали наскоро се очекува конкретен предлог од Нимиц, Груевски коментирал:

„Веројатно трага по решение прифатливо за двете страни за кое би бил посигурен дека нема да биде одбиено. Не можам да предвидам ништо“, изјавил Груевски.

Премиерот Груевски смета дека секоја средба е корисна, бидејќи има почеста комуникација, а со тоа се зголемуваат шансите да се најде некакво решение.

„Се подобруваат човечките односи, што влијае и на подобрување на односите меѓу земјите, а кога има подобра атмосфера, полесно може да се дојде до решение“, рекол Груевски по денешната средба со Папандреу.

За директните разговори кои се водат меѓу двајцата премиери, аналитичарот Владимир Божиновски коментира дека се корисни, но дека е време покрај формата, да добијат и содржина, за да би можеле да дадат поконкретен резултат во процесот за изнаоѓање на решение за името.

На оваа тема средата во Скопје порака донесе и британскиот министер, задолжен за Европа, Дејвид Лидингтон. На македонските политички субјекти им советуваше што поскоро да изградат широк консензус околу проблемот со Грција за името.

„Од клучна важност е спорот да се реши. Како што знаете, Обединетото Кралство нема удел во процесот на преговори што се одвива преку ОН, но се надеваме дека тој билатерален процес под покровителство на ОН ќе успее, и тоа брзо“, изјави Лидингтон, потецирајки дека без решение не ќе може да се деблокира процесот на интеграцијата на Македонија во ЕУ и НАТО.

XS
SM
MD
LG