Македонската полиција преку Единицата за меѓународна координација на органите надлежни за спроведување на законот во Република Македонија ќе се справува со организираниот криминал.
Со групирање на меѓународните контакти и размената на информациите ќе се зајакне соработката и вмрежувањето меѓу државите кориснички и земјите членки на ЕУ. Овој проект за прв пат се воспоставува во Европа, а преку него ќе се воспостават и механизми за соработка со национални и меѓународни партнери надлежни за спроведување на законот, смета директорот на Бирото за јавна безбедност Љупчо Тодоровски.
„Идеата е сите информации што ги добиваат овие служби или тие со кои контактираат во странство да се слеваат во оваа единица и преку неа да оди размената на информации. Освен македонската полиција тука е и јавното обвинителство, финансовата полиција, министерството за правда, царината на Република Македонија. Овој проект за прв пат е воспоставен во Македонија и можеби беше пилот проект за да видат европјаните дали тоа ќе функционира, објасни Тодоровски.
Тој зборуваше и за факторите што влијаат да се развие организираниот криминал:
„Во околината има земји што се позагрозени од нас. Нашето министерство води околу 370 оперативни криминалистички обработки, а сите земји од нашата околина заедно немаат толку. Тоа не значи дека ние имаме многу повеќе организиран криминал и повеќе организирани групи кои не` загрозуваат, туку нашата активност е насочена кон сузбивање на овој вид на криминалитет многу повеќе во однос на полициите во сосеството и пошироко, вели Тодороски.
Министерството за внатрешни работи во последниве години има околу 400 успешно реализирани случаи поврзани со организираниот криминал.
Проектот е финансиран од Европската комисија, а реализацијата е во соработка со Федералното Министерство за внатрешни работи на Австрија и Министерството за внатрешни работи на Република Словенија. Наменет за државите од регионот на Западен Балкан.