Линкови за пристапност

Локлер: се зајакнува зоната на забрането летање над Либија


Локлер: се зајакнува зоната на забрането летање над Либија
Локлер: се зајакнува зоната на забрането летање над Либија

Двајцата членови на екипажот на урнатиот американски авион се на безбедно, вели американскиот морнарички командат

Американскиот морнарички командант, адмиралот Семјуел Локлер вели дека се` поголем број на авиони учествуваат во спроведувањето на зоната на забрането летање над Либија, во време кога во земјата продолжуваат борбите меѓу бунтовниците и владините сили.

Во изјава дадена преку телефон од воен брод во Медитеранот, Локлер информираше дека 13 земји се приклучиле или се на пат да им помогнат на коалиционите сили.

Меѓународната коалиција првично ја воведе зоната на забрането летање над градот Бенгази, каде се утврдени бунтовниците. Со интензивирање на поддршката, коалицијата планира да ја прошири зоната на 1.000 километри на запад, се` до главниот град Триполи.

Локлер потврди дека двајцата членови на екипажот на американскиот борбен авион Ф-15 што синоќа се урна во Либија безбедно биле исфрлени од леталото откако тоа имало механички проблеми. Според адмиралот, еден од нив го нашле Либијци и кон него се однесувале достоинствено и со почит. Запрашан дали може да ги потврди извештаите дека американските сили отвориле оган врз либиски селани додека го спасувале другиот член на екипажот, Локлер истакна дека армијата ќе спроведе истрага, што е и пракса кога ќе загуби авион.

Американскиот адмирал воедно ги потврди извештаите дека силите на либискиот водач Моамар Гадафи напаѓаат цивилно население во западниот град Мисрата.

Коалиционите сили синоќа извршија напади врз Либија трета ноќ по ред.

Американскиот генерал Картер Хам денес изјави дека коалиционите сили ќе ја прошират зоната на забрането летање што ОН ја одобрија во Либија. Тој рече и дека најверојатно ќе се намали фрекфентноста на нападите, освен доколку не се случи нешто неочекувано.

Бунтовниците, кои мораа да се повлечат пред налетот на силите лојални на Гадафи пред почетокот на меѓународната воздушна операција, се` уште не ја искористиле шансата создадена од операцијата, што создаде загриженост дека конфликтот може да западне во ќор-сокак.

Слабо организираните бунтовници, кои се обидуваат да ја преземат контролата врз источниот град Аџдабија, велат дека е повлекле пред артилерискиот и тенковски оган на владините сили кои се` уште ги контролираат влезовите во градот.

Според генералот Хам, коалиционите сили немаат мандат да обезбедат директна поддршка на бунтовниците кои кренаа востание против 42-годишното владеење на Гадафи.

XS
SM
MD
LG