Либиски воени авиони извршија нови напади врз клучното нафтено пристаниште Брега, откако вчера бунтовниците ги потиснаа силите лојални на либискиот водач Моамар Гадафи од градот.
Сведоци наведуваат дека цел на нападот бил аеродромот во Брега, близу нафтениот терминал. Според нафтени претставници, производството во Либија е преполовено поради ситуацијата во земјата.
Вчера, опозиционите сили одвратија жестоки копнени и воздушни напади на лојалистите на Гадафи кои започнаа офанзива во источниот дел на Либија, што е под контрола на опозицијата. Според тврдења на сведоци, конвој на силите на Гадафи од над 50 оклопни возила го нападнал Брега, што лежи во заливот Сирте, на 800 километри од главниот град Триполи. Тие мошне брзо ги зазеле нафтените капацитети во градот, аеродромот и пристаништето. Веста за нападот придонела милициите од соседните градови Аџдабија и Бенгази да се здружат и да извршат контранапад со Калашникови, гранати и застарено антитенковско оружје. Силите лојални на Гадафи се повлекле. Лекарите наведуваат дека во борбата загинале најмалку 12 лица.