Линкови за пристапност

САД се` поостро против Асад


САД се` поостро против Асад
САД се` поостро против Асад

Американски дипломати и европски сојузници размислуваат за нови санкции против сирискиот претседател

Во Стејт департментот ја заоструваат критиката за сирискиот претседател Башар ал-Асад во време кога, според медиумските извештаи, можеби над 400 лица загинале во демонстрациите против сириската влада што траат веќе 40-тина дена.

Директорот за политичко планирање Џејк Саливан кажа дека сириската влада врши “брутална пресметка што е за секоја осуда“ и дека таа мора да ги почитува универзалните права на слобода на говор и собирање.

Саливан рече дека Ал-асад, за кого владата на Обама првично се надеваше дека ќе биде партнер во дијалогот за постигнување мир на Блискиот Исток, очигледно пошол по погрешен пат во справувањето со најлошата политичка криза во Сирија последниве децении.

„Претседателот Асад е на погрешен пат и мора да ја смени насоката. Неговите постапки не се соодветни на постапките на една одговорна влада. Тоа јавно ќе го истакнуваме, исто како што тоа го правиме и приватно до Сиријците, преку заменик-секретарот Фелтман, амбасадорот Форд, па се` до претседателот на САД“, изјави Саливан.

Владата на Обама наиде на големо противење во Конгресот при поставувањето на полноправен амбасадор во Дамаск, така што на крај мораше да го испрати Роберт Форд во Сирија со извршна наредба на претседателот додека Конгресот беше на распуст – легална можност што претседателите ја користат кога не можат да најдат заеднички збор со пратеничкиот дом.

Саливан информираше дека амбасадорот Форд неделава лично им ја пренел американската загриженост за пресметката со сириските противладини демонстранти на главните сириски владини претставници, додека заменик-секретарот Џефри Фелтман понеделникот го свикал сирискиот претставник во Вашингтон од истата причина.

Владата на Обама, рече Саливан, се консултира со клучните европски сојузници за заедничко воведување на санкции што целат врз сириските лидери. САД веќе имаат различни санкции против Сирија поврзани со фактот дека земјата фигурира на листата на Стејт департментот на земји-спонзори на тероризмот, но со новите, Вашингтон е надева да го смени односот на сириските власти кон демонстрантите.

„Тесно насочените санкции против оние кои се одговорни за продолжување на насилството би можеле да го сменат однесувањето и одлуките на припадниците на режимот. Ова е само една од можностите и за неа се` уште не сме донеле конечна одлука“, рече Саливан.

Американски и европски дипломати наводно циркулираат нацрт-резолуција во Советот за безбедност на ОН што го осудува насилството во Сирија и повикува на независна истрага за убиствата на демонстранти, како можна увертира на санкциите.

XS
SM
MD
LG