Линкови за пристапност

Сенаторот Лугар предложи Закон за јакнење на НАТО


Бара од претседателот Обама да даде јасен план за приемот на Македонија, Босна, Грузија и Црна Гора на Самитот во Чикаго.

Сенаторот Ричард Лугар предложи Закон за јакнење на НАТО што налага претседателот Барак Обама да даде јасен план за приемот на Македонија, Босна и Херцеговина, Грузија и Црна Гора, уште на Самитот во Чикаго во мај годинава.

Според соопштението од канцеларијата на влијателниот републикански сенатор, мерката ќе го поттикне натамошното проширување на НАТО и ќе го продлабочи американското стратешко партнерство со НАТО-сојузниците.

„Проширувањето на НАТО е клучен елемент за јакнење на стабилноста и политичките реформи во новите демократии на Централна и Источна Европа, како и на Балканот“, вели Лугар. Највишиот по ранг републикански член на Сенатската комисија за надворешни работи смета дека шансите за членство не само што ја подобриле регионалната безбедност, туку и помагаат во трансформирањето на земјите од овие региони во блиски партнери на САД во економијата и националната безбедност.

Мерката што ја предлага Лугар ја реафирмира политиката на „отворена врата“ во НАТО за сите квалификувани земји и отфрла секава претстава за привилегирани сфери на влијание.

Во соопштението стои дека ова би било по прпват еден американски законски документ да декларира дека сите четири земји кои во моментов бараат членство во НАТО – Македонија, Босна и Херцеговина, Грузија и Црна Гора, да се сметаат за НАТО-аспиранти. Мерката предлага помош за Босна и Црна Гора и ја продолжува помошта за Македонија и Грузија согласно Законскиот акт за учество во НАТО од 1994-та. Документот повикува на натамошен ангажман за развивање на партнерството со Украина.

Доколку стапи на сила, мерката предвидува Белата куќа да поднесе извештај до Конгресот за активностите што ги презема за натамошното проширување на НАТО, за подготвеноста на четирите аспиранти да станат членки, како и за американската политика за одржување на суверенитетот и теиторијалниот интегритет на Грузија.

Лугар бара Европа да земе поголема обрска за развојот на програмата за територијална ракетна одбрана на НАТО, а сојузниците да го намалат одбранбениот јаз со САД и да го исполнат критериумот да одвојуваат барем 2% од бруто-домашниот производ за одбрана. Тој се надева дека Сенатот ќе ја усвои мерката пред Самитот во Чикаго.

Лугар се залага за проширувањето на НАТО уште од почетокот на 1990-те и има заслуга за влегувањето на редица земји.

XS
SM
MD
LG