Линкови за пристапност

Меѓународен суд за правда: косовската независност е законска


Се очекува одлуката донесена со 10 гласови „за“ и четири „против“ да го отвори патот поголем број земји да ја признаат владата во Приштина.

Меѓународниот суд за правда на ОН објави дека косовското едностано прогласување на независност од Србија во 2008-ма е во согласност со меѓународното право.

Необврзувачкото мислење на Судот, објавено четвртокот во Хаг, предизвика улични прослави во Приштина. Косовскиот премиер Хашим Тачи, кој е во посета на Вашингтон, кажа дека одлуката е „најдобар можен одговор за целиот свет“.

Стејт департментот ја поздрави одлуката со коментар дека сега е време Европа „да се обедини зад идејата на заедничка иднина“.

Се очекува одлуката донесена со 10 гласови „за“ и четири „против“ да го отвори патот поголем број земји да ја признаат владата во Приштина.

Косово досега го имаат признато 69 земји, меѓу кои и САД, како и над 20 членки на ЕУ. Србија и нејзиниот традиционален сојузник, Русија, предводеа во противењето.

Владата во Белград побара од Судот да се изјасни за објавувањето на независност, спорејќи дека го поткопува меѓународниот поредок. Српските адвокати тврдеа дека доколку биде потврден, ваквиот потег ќе претставува опасен преседан и ќе ги охрабри сепаратистичките движења насекаде во светот.

Меѓутоа, претседателот на Судот Хисаши Овада, кој ја прочита поприлично долгата одлука, кажа дека меѓународното право не содржи забрана против такво објавување на независност.

Кусо време по одлуката, српскиот министер за надворешни работи Вук Јеремиќ изјави дека претстои тешко време, како и дека неговата земја ќе продолжи да се бори за контрола на поранешната покраина на мирољубив начин.

Спроти денешната одлука од судот во Хаг, американскиот потпретседател Џо Бајден ја реафирмираше поддршката за независноста на Косово во телефонски разговор со српскиот претседател Борис Тадиќ. Бајден ја повикал српската влада конструктивно да соработува со Косово за решавање на практични прашања. Тој рекол дека таквата соработка ќе го подобри животот на луѓето во Косово, Србија и на Балканот пошироко.

XS
SM
MD
LG