Линкови за пристапност

Зоран Коњановски не го исклучува влезот во НАТО под привременото име


Зоран Коњановски не го исклучува влезот во НАТО под привременото име
Зоран Коњановски не го исклучува влезот во НАТО под привременото име

Го информирал Гејтс за реформите во одбрана, како и за натамошниот ангажман во мисијата во Авганистан.

На средбата во Пентагон, американскиот секретар за одбрана Роберт Гејтс бил импресиониран од реформите на Македонија на тоа поле и се заблагодарил за учеството на војниците на АРМ во мировни мисии, наведува македонскиот министер за одбрана Зоран Коњановски во интервјуто за Гласот на Америка.

Го информирал Гејтс за реформите во одбрана, како и за натамошниот ангажман во мисијата во Авганистан. За проширувањето на Алијансата Коњановски вели: „Македонија има еден и единствен стратешки интерес - влез во НАТО и ЕУ“.

Оценува дека Македонија останува стабилен партнер на САД. „Заедно влеговме во Авганистан во враќање на демократијата, заедно ќе заминеме од земјата“, му порачал Коњановски на Гејтс.

За изјавата на генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен дека е тешко Македонија да влезе во Алијансата под привремената референца, Коњановски со став: „Во повеќе светски институции ние членуваме под привремено име – Поранешна југословенска Република Македонија. Јас ја гледам и таа солуција отворена доколку брзо не се реши проблемот кој ни е наметнат во однос на нашето уставно име“.

На средбите со сенатори и конгресмени во Вашингтон, Коњановски побарал поддршка за Македонија. Писмото на 19 конгресмени до американскиот претседател Барак Обама, од кого бараат да ги охрабри сојузниците на САД во НАТО да испратат формална покана за членство до Македонија на претстојниот Самит на Алијансата во ноември во Лисабон, за македонскиот министер за одбрана е уште еден знак за искреното пријателство и сојузништво меѓу двете земји.

„Секретарот Гејтс во име на американскиот народ се заблагодари за придонесот на Македонија и за поддршката што перманентно ја дава кон САД, почнувајќи од Ирак, Авганистан...но и за поддршка на секоја иницијатива на САД што била пласирана на Балканот“.

Наредна станица на македонската делегација на чело со министерот Коњановски е Канада и средбата со министерот за одбрана Питер Мекеј.

XS
SM
MD
LG