Киро Глигоров почина во сон во неделата во 22 часот во кругот на семејството. Глигоров имаше 94 години.
Последниот месец од минатата година Глигоров престанал да доаѓа во неговиот кабинет, велат неговите соработници .
Поранешниот Претседател во неговиот тестамент оставил аманет неговиот погреб да не биде со високи државни почести. Киро Глигоров е првиот македонски претсдедател на Република Македонија. Функцијата ја извршуваше во два мандати од 1991 до 1999 година. Првиот пат беше избран од Собранието, а вториот мандат во 1994 на претседателски избори. Глигоров е претседател се` до 19 ноември 1999 година, кога неговата функција ја презема Борис Трајковски. Роден е на 3 мај 1917 година во Штип.
Потекнува од просечно македонско семејство - татко му бил занаетчија, а мајка му домаќинка. Во 1928 година се запишал во тогашната гимназија во Штип, каде некое време работел како библиотекар. Средното образование го продолжил во Скопје во Машката гимназија , каде станал член на гимназискиот кружок. Во 1936 година се запишал на Правниот факултет во Белград. Во овој период тој се вклучува во илегалното македонско друштво ,,Вардар“, каде станал негов секретар. Два пати е апсен, еднаш во 1939 година во Белград под сомение дека работел против империјалистичкиот режим, а вториот пат во Скопје, за време на војната, како соработник со комунистите.
Дипломираниот правник политичка кариера ја започнува од формирањето на новата федеративна држава на Балканот каде извршува повеќе функции од кои позначајни се член на претседателството на СФРЈ, Член на извршното биро на Претседателството СКЈ, од 1974 до 1978 година работи како претседател на Собранито на СФРЈ.
Во 1987 година Глигоров се пензионира , а потоа се вклучува во тимот за реформи на претседалот на СИС, Анте Марковиќ. Во 1989 година се враќа во Македонија.
Во Македонија ќе се памети како претседател кој и` ја донесе независноста на Македонија и ја спаси од војните кои тогаш ги зафатија сите поранешни југословенски републики.
Еден од неговите соработници во драматичните години на осамостојувањето беше тогашиот претседател на Собранеито, Стојан Андов.
„Со Киро Глигоров судбината сакаше да соработуваме во клучните моменти за македонската историја - создавањето на македонската држава и првите моменти на независна Република Македонија. Двајцата бевме на клучни функции во државата - тој Претседател на Република Македонија, а јас на Собранието на Република Македонија. Имавме разбирање за клучните работи во тие турбулентни времиња.“
„Двајцата дадовме пример како треба да се соработува. Тоа беа драматични времиња и Киро Глигоров покажа како треба да се раководи и затоа несомнено има историска улога во поновата македонска историја.“
„Тој е личноста која ја одигра најважната улога во осамостојувањето на Македонија“ изјави Стојан Андов за порталот Плусинфо.
Владата денеска донесе одлука утрешниот ден да биде прогласен за ден на жалост.Утре на пладне комеморативна седница ќе одржи актуелиот претседател Ѓорѓе Иванов.