Линкови за пристапност

Емирот на Катар во Македонија


Емирот на Катар во Македонија
Емирот на Катар во Македонија

Посетата може да биде од големo значење на економски план, најавуваат од Кабинетот на претседателот

На покана на претседателот Ѓорге Иванов, катарскиот емир Хамад бин Калифа Ал Тани денес допатува во дводневна посета на Македонија, на чело на 110-члена делегација во која има и 12 катарски министри, како дел од неговата турнеја во која ќе ги посети и Албанија, Полска и Украина.

Посетата на челникот на една од најбогатите држави во светот може да биде од големo значење на економски план, најавуваат од Кабинетот на претседателот Иванов, истовремено оценувајќи дека се работи за историска, прва официјална посета на еден монарх од арапскиот свет.

Во чест на емирот од Катар, македонските власти организираат свечена вечера, а освен веќе одржаната средба со македонскиот претседател во вилата Водно, тој утре одвоено ќе се сретне со претседателот на Собранието Трајко Вељановски и премиерот Никола Груевски.

Ова е втора средба на гостинот од Катар со неговиот домаќин, македонскиот претседател - првата беше во Њујорк во 2009-та.

Членовите на катарската делегација во Скопје ќе потпишат десетина меѓудржавни договори и спогодби како предуслов за прилив на инвестиции од Катар во македонски проекти. Меѓу нив се и договорите за заштита на инвестиции меѓу двете земји и за регулирање на престојот на бизнисмените кои ќе отвараат фирми во Катар и Македонија.

Според неофицијални информации објавени во медиумите, Катар првично покажал интерес за инвестиции во енергетиката, угостителството и во дистрибуција на нафтени деривати. На гостите ќе им бидат презентирани и дваесеттина проекти кои фирми од Македонија можат да ги понудат на евентуалните партнери од Катар.

Емирот Ал Тани од претседателот доби орден 8-ми септември за заложби во афирмацијата на дијалогот меѓу цивилизациите и религиите во светот. Во 2003-та година, Катар финансиски го поддржа одржувањето на Самитот на шефови на држави од Југоисточна Европа на тема „Дијалог меѓу цивилизации“, чиј иницијатор беше претседателот Борис Трајковски.

Се најавува дека во 2013-та година, на десетгодишнината од Самитот, Македонија повторно ќе биде домаќин на ваков форум.

XS
SM
MD
LG