Помладиот брат на авганистанскиот претседател Хамид Карзаи, Вали го загуби животот во атентат во градот Кандахар на југот на земјата.
Вали бил застрелан од виш припадник на неговото обезбедување, Сардар Мухамед, кого потоа го убиле останатите телохранители. Властите наведуваат дека Мухамед бил долгогодишен пријател на Вали Карзаи, дека биле од исто село – Карз, како и дека во моментот на атентатот бил на состанок со него.
Талебан презеде одговорност за убиството, но авганистанки претставници велат дека не се знае дали се должи на нив, или пак на меѓусебна пресметка.
Во Кабул, претседателот Карзаи изјави дека убиството го отсликува страдањето на целиот авганистански народ.
Главниот американски командант во Авганистан Дејвид Петреус рече дека силите на НАТО ќе ги поддржат напорите на авганистанската влада за пронаоѓање на одговорните.
Вали Карзаи беше на чело на Советот на покраината Кандахар. Тој важеше за контроверзна фигура. Иако се сметаше за клучен посредник во регионот и сојузник на меѓународните сили кои се борат против Талебан, тој исто така беше обвинет за корупција и шверц на дрога, но ги отфрлаше таквите обвиненија.
Вали ги преживеа претходните два атентата.