Стотина жители од општината Чаир заедно со градоначаликот на општината и висок функционер од ДУИ, Изет Меџити, и заменикот министер за внатрешни работи, Џеват Бучи, се качија на Калето за да ги урнат започнатите градби за објектот црква-музеј што го гради Заводот за заштита на кулутурното наследство.
До инцидентот дојде откако жителите на општината Чаир забележале дека во доцните вечерни часови се изведуваат градбите на овој објект кој етичките Албанци во Скопје го оценија како провокација. Директорот на Заводот за заштита на културното наследство претходно најави дека градбата ќе сопре за, како што рече, да му се даде шанса на разумот и да се надминат недорзбирањата кои ги предизвика најавата за оваа градба на скопското Кале.
Но и покрај ваквата негова изјава градбата продолжила да се врши тајно, во доцните вечерни часови. „Ние уште еднаш покажуваме дека тука сме и вечерва и вчера и кога ќе треба ќе бидеме тука, за да не дозволиме било каква дискриминација“, вели градоначалникот на Чаир Изет Меџити.
Градоначалникот на Чаир по инцидентот нагласи дека црква на Kалето не може да има. Според него, ако власта инсистира на црква, тогаш треба да се гради и џамија, но може и опцијата - универзален објект или ништо, вели Меџити.
По инцидентот регираше и Имер Селмани од Нова демократија.
„Му порачувам на Груевски и на владата, онака како што синоќа донесе десетина градежни работници, да донесе, не десет, не дваесет, стотина градежни работници преку ден и да ги отстрани сите овие остатоци и сите овие елементи од овој објект, кој што сигурен сум дека не се прават за доброто на државата, изјави Имер Селмани.
Регираа и од ДПА. Велат дека функиционерите на ДУИ како коалициони партнери во владата треба изградбата на овој објект да ја спречат во институциите.
Од кабинетот на премиерот сооштија дека нема да се дозволи инцидентот да ги наруши меѓуетничките односи во државата.
Во двете влаедачки партии ВМРО ДПМНЕ и ДУИ засега се без коментари за инцидентот и неговото влијание во односите меѓу коалиционите партнери.
Од Управата за заштита на културното наследство, пак, во врска со инцидентот апелираа до македонската јавност и до политичките партии да не се обидуваат да ги политизираат проектите од ваков карактер.
Во денешното соопштение се вели дека управата, како координатор на проектот, во јавна постапка има спроведено тендер за избор на фирма за реализација на активностите, согласно законските процедури.
„Фирмата согласно потпишаниот договор има законска обврска активностите да ги реализира во предвидениот рок, а во спротивно ќе плаќа пенали. Според предвидената динамика и потпишаниот договор, фирмата продолжи со реализација на своите активности“, велат од управата.
„Инаку, потенцираме дека целта на овој проект е да се заштити и да се презентира културното наследство на скопската тврдина и истиот е дел од пошироката програма со која се планира ревитализација на Калето, со сите можни сегменти на конзервација, реставрација, реконструкција и економско и туристичко заживување на овој мошне значаен локалитет, соопштија од Управата за заштита на културното наследство која е нарачател на оваа градба.